АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција е одлучна до крајот да ги брани правата на Палестинците и порача дека земјите на Организацијата за исламска соработка (OIC) мораат да се оградат од секој потег кој би можел да ја ослабне палестинската борба, јавува Агенција Анадолија (АА).

Постојаниот совет за економска и трговска соработка при ОИС ја одржува 37. Министерска конференција, а со видеопорака на учесниците на тој собир се обрати и турскиот претседател Ердоган.

Тој му честиташе на Хусеин Ибрахим Тахи на изборот за нов генерален секретар на Организацијата за исламска соработка и додаде дека исламскиот свет мора да се соочи со последиците на пандемијата на Ковид-19, но и со други кризи кои ги предизвикуваат тероризмот, сиромаштијата и судирите.

„Како членки на ОИС, ние мораме да ја зајакнеме нашата соработка, а во исто време да ја обезбедиме потребната политичка, хуманитарна и правна помош за нашите братски земји“, рече Ердоган.

Турскиот претседател рече и дека земјите од ОИС имаат братска обврска да му помогнат на авганистанскиот народ во процесот на воспоставување мир и стабилност во Авганистан.

Укажувајќи на неопходноста од спротивставување на растечкиот проблем на расизмот, ксенофобијата и антимуслиманската реторика во светот, Ердоган рече дека трајниот мир и стабилност на Блискиот Исток треба да се градат врз база на решавање на палестинското прашање според идејата за воспоставување две независни држави и врз база на меѓународните параметри.

„Мораме да ги запреме израелските нелегални населби во источниот дел на Ал Кудс [Ерусалим] и Западниот Брег и да се спротивставиме на деструктивната политика на принудно раселување“, рече Ердоган.

Тој понатаму истакна дека без задоволување на правата на муслиманите Рохинџи во Мјанмар, не може да се воспостави трајна стабилност во Аракан, и дека меѓународната заедница не успеала да ја спречи и запре трагедијата и во Сирија.

„Во Сирија е неопходно да се најде решение кое ќе го гарантира територијалниот интегритет на таа земја и ќе овозможи безбедно враќање на луѓето во земјата. Одлучно ја продолжуваме нашата борба против терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ЈПГ, кои се закана за интегритетот на Сирија и нашата национална безбедност“, рече Ердоган.

Турскиот претседател, исто така, истакна дека Турција внимателно ја следи состојбата на Ујгурите и другите муслимански малцинства во кинеската провинција Ксинџијанг и нагласи дека таков пристап очекува и од Организацијата за исламска соработка.


„Anadolu Agency“