Едногодишно момче од Сирија, стана последниот смртен случај меѓу бегалите заробени на границата меѓу Белорусија и Полска додека меѓународната заедница се бори да одговори на она што го гледа како растечка криза.
Полска невладина организација соопшти дека детето е син на сириска двојка на која и помогнала во раните утрински часови во четвртокот. Причината за смртта допрва треба да се утврди.
„Околу 2:26 часот, добивме пријава дека на најмалку едно лице му е потребна медицинска помош“, објави полскиот тим за итна медицинска помош на ПЦПМ на „Твитер“ (“Twitter“).
„Кога стигнавме на лице место, се испостави дека три лица се повредени. Во шумата биле 1,5 месец.
Невладината организација соопшти дека мажот се здобил со рана на раката, додека жената имала убодна рана во потколеницата.
Нивното едногодишно дете починало во шума“, напишале тие.
Се проценува дека околу 4.000 бегалци и мигранти, главно ирачки Курди, но и државјани на други земји од Блискиот Исток, со недели се заглавени на границата меѓу Белорусија и Полска обидувајќи се да преминат во Европа.
Најмалку 11 бегалци веќе загинаа како последица на лошите услови и ниските температури на границата.
Сегашната ситуација предизвика жесток конфликт меѓу Европската унија и владата на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Едниот го обвинува другиот за организирање на прилив на мигранти како одговор на санкциите наметнати на белоруската администрација, поради нејзината репресија врз демонстрантите, во 2020 година.
Полска во петокот ја обвини Белорусија дека вратила стотици луѓе со камиони на границата и ги принудила да се обидат да преминат илегално, и покрај тоа што само неколку часа претходно ги расчистила мигрантските кампови.
Украина, исто така, ги предупреди мигрантите во Белорусија да не преминуваат на нејзина територија, велејќи дека ќе бидат вратени назад на секој можен начин.
„Во случај на закани по животот и здравјето на граничарите и службениците за спроведување на законот, ќе ги користиме сите средства за заштита предвидени со закон, вклучително и огнено оружје“, изјави во петокот министерот за внатрешни работи, Денис Монастирски (Denys Monastyrsky).
Стотици бегалци од Ирак, главно Курди, се качија на летот за репатријација организиран од Багдад, во четвртокот.
Според Ари Џалал, раководител на Фондацијата за бегалци и раселени лица во ирачкиот курдски регион, 432 лица биле во авион во четвртокот кој прво слетал во Ербил(Erbil), во автономниот курдски регион во Ирак, а потоа полетал за главниот град Багдад (Baghdad).
„MEE“
„Dubai-Portal“









