БЕЛГРАД (АА) – Мурал со ликот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, кој се наоѓа на ѕидот на зграда во улицата „Његошева“ во Белград, главниот град на Србија, уништен е со бела боја која утринава е истурена преку ликот на Младиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова е продолжение на случувањата кои започнаа вчера попладне, кога беа приведени активистките Аида Ќоровиќ и Јелена Јаќимовиќ, откако фрлаа јајца на муралот.
Со часови пред инцидентот улиците во близина на муралот беа обезбедувани со бројни полицајци од кои многумина имаа опрема за разбивање на демонстрации.
Покрај муралот постојано се наоѓаа неколку полицајци во цивилна облека кои легитимираа секој кој поминуваше покрај муралот, па дури и новинарските екипи кои беа таму за да известуваат.
Дел од српската јавност и медиумите поради тоа констатираа дека полицијата го обезбедува муралот, тврдење што МВР го отфрли и одделни медиуми ги обвини за создавање вознемиреност во јавноста.
Претходните денови група граѓани кои живеат во зградата на која се наоѓа муралот се обиделе да го префарбаат, за што имале дозвола од надлежните комунални органи. Меѓутоа, кога и да посакале да го сторат тоа, се појавувале луѓе кои им се заканувале, велат граѓаните.
Невладината организација „Иницијатива на младите за човековите права“ (ЈИХР) најави дека на 9 ноември, по повод Меѓународниот ден на борбата против фашизмот, ќе го префарба муралот.
Следуваше забрана од српското Министерство за внатрешни работи (МВР) со која не е дозволено собирање на граѓаните во близина на муралот, со коментар од министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, дека „ни оние кои би сакале да го префарбаат муралот на генералот Младиќ, но ни оние кои би сакале да го чуваат, нема да добијат дозвола за собирање“.
Во понеделникот ЈИХР соопшти дека добро ги сфатила пораките од МВР и од Вулин и наведе дека нејзините активисти се свесни дека „паравоените формации“ на Вулин, како што е српската екстремно десничарска организација „Левијатан“, „ќе им ги скрши главите“ и дека „неговата полиција не би ги заштитила“.
Муралот посветен на Младиќ, осудениот воен злосторник за геноцидот во Сребреница и други злосторства против човештвото, се појави на ѕидот од зграда во централната белградска општина во јули.
Го прикажува Младиќ како поздравува, а некој подоцна доцртал црвени траги на неговата дланка сугерирајќи дека рацете му се крвави поради тоа што го направил.
Муралот, кој е само еден од неколкуте слични посветени на Младиќ во Белград, неколкупати е „преправуван“ и повторно „реставриран“.
Anadolu Agency










