Министерот за одбрана на Полска, Мариуш Блашчак, изјави дека борбата на неговата земја против кризата на границата со Белорусија продолжува и голем број луѓе се обидуваат да преминат преку оградата за да заминат во Европа, а некои од нив ги преминале бариерите и влегле на териториите кои се дел од границите на Европската Унија (ЕУ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за полското радио, Блашчак посочи дека во текот на ноќта се зголемиле тензиите на границата, и додаде дека имало обиди за илегален влез во земјата, а некои од нив успеале да ја пробијат оградата.
„Некои од оние што чекаа на границата со Белорусија, влегоа во земјата. Сите што успеаја да влезат се приведени“, нагласи Блашчак, додавајќи дека овие луѓе се одлучиле за различни методи за да ја преминат границата и во текот на ноќта направиле голем број обиди.

Блашчак, наведувајќи дека безбедносните сили во регионот прават сѐ за да ја заштитат границата, потенцира дека сегашниот број војници е зголемен на 15.000.
Од друга страна, на официјалниот профил на Твитер на Министерството за одбрана се споделени видеа на кои се гледа дека белоруски војници отвориле оган во воздух за да ги заплашат оние кои се обидуваат да ја преминат границата.
Од ден на ден се зголемува тензијата на границата каде што има околу 4.000 луѓе. САД и НАТО, особено ЕУ, најавија поддршка за Полска.

– Белорусија изјави дека нема да задржува бегалци
Во својот говор на 6 јули, Лукашенко, потсетувајќи на процесот за суспендирање на Договорот за реадмисија со ЕУ, рече дека по ставовите на Западот кон Русија и Белорусија, тие веќе не можат самите да ги преземат луѓето што бегаат од војните.
Нагласувајќи дека нема да ги задржат бегалците што доаѓаат во Белорусија за да одат во Европа, Лукашенко додаде: „Оние кои мислат дека ќе ги затвориме границите со Полска, Литванија, Латвија, Украина и ќе станеме „населено место“ за бегалците од Авганистан, Иран, Ирак, Либија, Сирија и Тунис, грешат. Ние нема да задржиме никого. Тие не доаѓаат кај нас, тие одат во просветлена, топла, удобна Европа.“
ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека „ја користи нерегуларната миграција како алатка и дека се обидува на овој начин да ја дестабилизира Унијата“, со испраќање мигранти од земји како што е Ирак до границите на земјите на ЕУ, Полска, Литванија и Латвија.

Anadolu Agency








