ИСТАНБУЛ (АА) – Турската одбранбена компанија „Асисгард“ го опреми своето ново мини-беспилотно летало со фрлач на гранати од 40 милиметри, јавува Агенција Анадолија (АА).
„По прикачувањето на митралез со калибар од 5,56 милиметри, компанијата го одведе дронот „Сонгар“ чекор понапред“, изјави за АА, Бариш Дузѓун, генералниот директор на компанијата, за време на САХА експо, голем настан во одбранбената индустрија, кој се одржува во Истанбул.
По денешното отворање на саемот, кој ќе трае четири дена, ќе бидат прикажани производи на турската одбранбена индустрија, вклучувајќи беспилотни летала, оружје, радарски системи и копнени и поморски возила.
Ќе бидат одржани и панели на различни теми, како што се вселенската програма, соработката во одбранбената индустрија и развојот на мотори.
Дузѓун изјави дека неговата компанија има за цел да обезбеди единствен тип на дрон со различен капацитет на носивост, наместо дизајнирање различни типови на дронови.
За наредните чекори, тој рече дека компанијата планира да ги опреми дроновите со димни бомби за да може да помогнат во запирање на немири.
„Работата за опремување на дронот со ласерски систем со голема моќ е во тек, а за време на саемот ќе биде потпишан протокол од „Асисгард“, турската одбранбена компанија „Хавелсан“ и Истражувачкиот центар за информатичка и информациска безбедност на Советот за научни и технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК БИЛГЕН)“, изјави Дузѓун за Агенција Анадолија.
„Покрај тоа, работата во врска со опцијата за ракета, напредува брзо“, додаде тој.
Во врска со извозот, Дузѓун изјави дека дронот бил извезуван во две земји досега и дека преговорите со уште три земји дојдени се до фаза на потпишување.
Во текот на изминатите години, Турција стана ѕвезда во подем во светската одбранбена и воздухопловна индустрија.
Особено во авијацијата и беспилотните летала, Турција има неколку компании и брендови, меѓу кои се и „Бајкар“ и ТАИ, кои произведуваат летала користејќи претежно домашни ресурси.
Anadolu Agency









