ИЗМИР (АА) – Археолозите откопаа антички градби во Паназтепе, во подрачјето на Менемен, во турската област Измир, јавува Агенција Анадолија (АА).

Иако Паназтепе денес се наоѓа 10 километри во контенталниот дел, се сметало дека е островска населба и пристанишен град за време на Бронзеното време, а новите наоди додадоа историска важност на античкиот локалитет.

Умит Чајир, раководител на активностите на ископување, рече дека Паназтепе бил значаен центар особено во текот на 2000 година п.н.е. со неговите врски што се протегале до регионот на Источниот Медитеран, Западниот Егеј, па дури и Кавкаскиот регион, и се наоѓал на раскрсницата помеѓу Микенската цивилизација на запад и Хетитската цивилизација на исток.

Истакнувајќи дека неговиот тим имал за цел да добие податоци што ја опишуваат културната структура на ерата со нејзиното ископување, Чајир нагласи дека успеале да наидат на слоеви на населби кои датираат од Раното бронзено време и класичните периоди.

Иако остатоците кои датираат од Раното бронзено време ѝ се познати на научната заедница, според Чајир, таа заедница не наишла на архитектонски остатоци што укажуваат дека Паназтепе претходно била населба.

„Можеме да кажеме дека ја најдовме најраната населба Паназтепе. Со други зборови, ова е населба која датира од пред приближно 5.000 години. Планираме да продолжиме со нашата работа и во новооткриениот простор и во акрополата и подножјето“, рече тој.

Чајир рече дека ископувањето на архитектонски остатоци кои датираат од Раното бронзено време, може да даде нова димензија на културната историја на регионот, додавајќи дека остатоците од ѕидовите на куќите од тој период и камчиња за рибарски мрежи откриени заедно со керамичките наоди покажуваат дека некогаш бил пристанишен град.

„Првичните наоди од географските истражувања спроведени во регионот и Паназтепе, исто така, го поддржуваат ова“, додаде тој.

Anadolu Agency