Уште три масовни гробници се пронајдени во градот Тархуна, јужно од главниот либиски град Триполи, објавија денес властите на Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Општата управа за истражување и идентификација на исчезнати лица соопшти дека тимовите откриле три локации на масовни гробници во подрачјето блиску до автопатот Абдали во градот Тархуна.
Властите соопштија дека во понеделник ќе започнат со ексхумација на телата, не изнесувајќи повеќе детали.
Од јуни минатата година во различни подрачја на Тархуна пронајдени се 83 масовни гробници од кои се ексхумирани повеќе од 200 посмртни остатоци по поразот на Халифа Хафтар во јуни 2020 година.
Во март либиските власти соопштија дека имаат списоци на 3.650 исчезнати лица во различни либиски градови, вклучително и на 350 во Тархуна.
Според службените либиски извори, силите на Хафтар и милициите поврзани со него извршиле воени злосторства и геноцидни дела во периодот помеѓу април 2019 и јуни 2020 година.
Меѓународниот кривичен суд на 22 јуни минатата година соопшти дека обвинителството добило доверливи информации за масовните гробници. Припадниците на милицијата Канијат, која го поддржува Хафтар, се товарат за вонсудски погубувања на неистомисленици и цивилно население за време на контролата над Тархуна.
Во Либија на 16 март избрана е преодна влада на единството на чело со Абдула Хамид Дбеибех, која ќе ја води државата до изборите во декември.
Либијците се надеваат дека со тој потег ќе ја прекинат граѓанската војна што трае со години и ја зафати целата земја по соборувањето и убиството на Моамер Гадафи во 2011 година.
Anadolu Agency









