Во експлозијата на цистерна со нафта што се случи во главниот град на западноафриканската земја Сиера Леоне животот го загубија 100 лица, потврди здравствен службеник, додавајќи дека се стравува од зголемување на бројката на загинати поради големиот број потешко повредени, известува Агенција Анадолија (АА).
Горивото од цистерната се истурило по судирот со друго возило, а потоа се запалило. Пожарот ги зафатил и минувачите и возилата на прометната раскрсница во Велингтон, населба во Фритаун. „Во експлозијата што се случи доцна навечер во петокот, повредени се и повеќе од стотина лица“, потврдија официјални претставници.
Сварај Ленгор, менаџер на Меѓународната федерација на организациите на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за АА изјави дека болниците се преполни и „веројатно бројката на настрадани ќе се зголеми, бидејќи многумина се здобиле со тешки изгореници“.
Градоначалничката на Фритаун, Ивон Аки-Сојер, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека до експлозијата дошло кога цистерната со гориво се судрила со друго возило во Велингтон. Таа истакна дека сцените од местото на несреќата се тажни и трогателни.
Додаде дека според некои извештаи во експлозијата на цистерната загинале повеќе од 100 лица, додавајќи дека дополнително ќе се објави точната бројка на настрадани.
Џулиус Мада Био, претседателот на Сиера Леоне, испраќајќи порака со сочувство, истакна дека Владата ќе им пружи секаков вид поддршка на семејствата на загинатите.
Локалното население на социјалните мрежи објави фотографии од местото на несреќата, на кои можат да се видат изгорени тела.
Anadolu Agency









