АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека верува дека Турција до крајот на годината ќе достигне двоцифрени бројки на економски раст, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Иако меѓународните агенции проценуваат раст од девет отсто, сметаме дека до крајот на годината ќе достигнеме двоцифрени бројки на економскиот раст.“

Ердоган испрати видеопорака на Самитот „Турција 2023“ организиран од страна на медиумската корпорација „Туркуваз медиа“.

Тој истакна дека по две многу болни години светот ја продолжува својата борба против епидемијата на Ковид-19 со надеж и дека се гледа оти постепено се преземаат чекори за нормализација во многу области, особено во здравството, транспортот, образованието и трговијата.

„Ги преземаме неопходните мерки за да ги минимизираме трошоците предизвикани од влошениот економски биланс поради епидемијата на глобално ниво“, рече Ердоган.

Турскиот претседател нагласи дека глобалната економија почнува да се враќа на стариот ритам по минатогодишното намалување и дека производството и извозот се зголемени, а брзо закрепнување е забележано и во туризмот.

– „Ние произведуваме и спроведуваме политики во рамките на нашите цели“ –

Истакнувајќи дека веруваат дека следниот процес ќе се развива многу брзо во зависност од вакцинацијата, Ердоган додаде:

„Откако човештвото ги решава прашањата во врска со здравствената димензија на епидемијата, овој пат тоа се соочува со различни проблеми кои произлегуваат од епидемијата. Глобалната инфлација, исто како и економската рецесија минатата година, се најсериозните проблеми со кои се соочува човештвото денес. Полиците кои останаа празни поради прекинот на синџирите на снабдување е исто така еден од фактите кои го одбележаа овој период. Преголемото зголемување на цените на основните прехранбени производи и стоки дополнително го влошуваат товарот на општествените сегменти кои беа најголемите жртви на епидемијата. Оваа ситуација доведува до зголемување на расизмот, исламофобијата и ксенофобијата, особено во западните земји. Соочени со овие закани, кои ги засегаат и нашите граѓани, ние како Турција произведуваме и спроведуваме политики во рамките на нашите сопствени приоритети, интереси и цели.“

Турскиот претседател посочи дека во тешките моменти оние кои произведуваат, вработуваат, извезуваат и инвестираат, државата не ги остава сами на себе.

„Со обезбедената поддршка и стимулации, овозможивме основање нови фабрики. Од Газиантеп до Конија, од Коџаели до Хатај, од Анкара до Адана. Донесовме нови производствени капацитети во нашите градови. Нашата земја забележа раст за 1,8 отсто во 2020 година, продолжи со нагорниот тренд со стапки на раст од 7,2 отсто и 21,7 отсто во првите два квартали од годинава. Урна важен рекорд во извозот со надминување на нивото од 212 милијарди долари за првпат во нашата историја. Иако меѓународните организации проценуваат 9 отсто, мислиме дека до крајот на годината ќе достигнеме двоцифрени бројки на раст.“

– „Како држава воведуваме сериозни субвенции“ –

„Додека се фокусираме на големи цели, никогаш не ги затвораме очите пред проблемите со кои се соочуваме во моментот“, нагласи Ердоган, и додаде:

„Свесни сме за проблемите и тешкотиите што ги доживува секој наш граѓанин. Ги преземаме неопходните мерки за да ги минимизираме трошоците предизвикани од влошениот економски биланс поради епидемијата на глобално ниво. Се обидовме да ги заштитиме нашите земјоделци и производители со поставување многу високи откупни цени на земјоделските производи. Ги зголемивме платите во јавниот сектор и на државните службеници. Со ефикасно функционирање на нашиот систем за социјална помош ги поддржуваме нашите граѓани кои немаат приходи и кои се со многу ниски примања. Ќе продолжиме да ја подигаме Турција врз основа на производство, извоз, инвестиции и вработување, игнорирајќи ги тие што повикуваат дека ќе има катастрофа“, порача турскиот претседател.


„Anadolu Agency“