РИМ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на првиот ден од Самитот на групата Г20 оствари средби со светските лидери, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган се сретна со италијанскиот премиер Марио Драги во Конвенцискиот центар „Ла Нувола“, каде што годинава се одржува самитот во Италија, прв самит со присуство на лидерите од почетокот на пандемијата на Ковид-19.

На 35-минутниот состанок зад затворени врати присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и неговиот италијански колега Луиџи ди Мајо, како и турскиот министер за трезор и финансии Лутфи Елван, директорот за комуникации Фахретин Алтун и портпаролот на турската Партија за правда и развој (АК Партија), Омер Челик.

Во официјалното соопштение на Кабинетот на италијанскиот премиер средбата Ердоган – Драги е опишана како конструктивна.

„Конструктивна размена на мислења за односите меѓу ЕУ и Турција, кризата во Авганистан и стабилноста во Медитеранот, со особено внимание кон случувањата во внатрелибискиот политички процес“, се наведува во соопштението.

Турскиот претседател се сретна и со холандскиот премиер Марк Руте. Двајцата официјални претставници одржаа 30-минутен состанок зад затворени врати.

Ердоган се состана и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 30-минутен разговор. На состанокот зад затворени врати присуствуваше и министерот Чавушоглу.

„Добра размена со Реџеп Таип Ердоган. Направивме преглед на тековната работа за низа прашања, од пандемијата до економското закрепнување, ситуацијата во Авганистан и други теми“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.

Подоцна, турскиот претседател одржа 30-минутен состанок зад затворени врати со неговиот индонезиски колега Јоко Видодо.

Состанокот беше придружуван и од министрите Чавушоглу, Елван и директорот за комуникации при турското Претседателство, Алтун.

Самитот на Г20 2021, што ги собра лидерите на 20-те водечки светски економии и претставниците на меѓународните организации, започна вчера во Рим.

Дводневниот самит, чиј домаќин и моментален претседавач е Италија, беше отворен од италијанскиот премиер Драги.

Групата од 20-те најголеми и најнапредни економии на самитот ќе се осврне на начините за справување со пандемијата на коронавирусот, начините за поттикнување на големо економско закрепнување и зајакнување на глобалната соработка за климатските активности.

На состаноците се очекува да стане збор и за мигрантската криза и за други геополитички прашања.

Anadolu Agency