Денеска започна жалбената постапка на Владата на Соединетите Американски Држави (САД) на одлуката со која се попречува испорачувањето на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, јавува Агенција Анадолија (АА).
Правниците во американската Влада ќе се обидат да ја поништат одлуката, која е донесена минатиот јануари, врз основа на загриженоста за менталното здравје на Асанж.
САД објавија дека се „особено разочарани“ со одлуката со која се попречува неговото испорачување.
Доколку жалбата на САД биде успешна, случајот ќе биде вратен на понискиот суд за донесување нова одлука. Страната која ќе изгуби, има право на конечна жалба на Врховниот суд на Велика Британија.
Претходно оваа недела, американската администрација е повикана да ги отфрли сите обвиненија против Асанж.
Ребека Винсент од „Репортери без граници“, група за медиумско застапување, на прес-конференција во Лондон изјави дека сега е вистинското време за американскиот претседател Џо Бајден да се дистанцира од политиките на неговиот претходник.
Централниот кривичен суд, познат и како „Олд Бејли“, во јануари донесе пресуда во која се наведува дека Асанж не може да биде екстрадиран поради загриженост за своето ментално здравје.
„Севкупниот впечаток е дека тој е депресивен и понекогаш очаен човек кој се плаши за својата иднина“, рече тогаш судијката Ванеса Барајтсер.
Доколку биде екстрадиран, Асанж ќе се соочи со 18 точки од обвинението за хакирање на компјутерите на американската Влада и кршење на законите за шпионажа. Ова може да достигне потенцијална затворска казна од 175 години, во зависност од жалбата.
Жалбеното рочиште започна денеска во Кралскиот суд на правдата во Лондон.
САД го обвинуваат Асанж за шпионажа откако „Викиликс“ објави стотици илјади страници владини документи, електронски пораки и други информации, вклучително и податоци за воените злосторства на САД во војните во Авганистан и Ирак во 2010 и 2011 година.
Обвинителите претходно тврдеа дека Асанж ѝ помагал на поранешната американска воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг, но 49-годишниот основач на „Викиликс“ ги отфрли таквите наводи.
Асанж беше насилно одведен од зградата на Еквадорската амбасада во Лондон во 2019 година, каде што престојуваше и се криеше повеќе од седум години.
Британската полиција соопшти дека тој бил уапсен поради кршење на условите за кауција во 2012 година и во име на САД по налог за екстрадиција.
Тој подоцна беше прогласен за виновен од Судот за прекршоци во Вестминстер за кршење на условите за кауција во 2012 година, откако не им се предаде на безбедносните служби и доби 50-неделна затворска казна.
Сепак, Асанж не беше пуштен од притвор поради „оправдани причини“ за да може да избега.
Anadolu Agency









