ВАШИНГТОН (АА) – Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден работи на воспоставување соработка со Турција на база на заеднички приоритети и дека како сојузници во НАТО решенијата за недоразбирањата ќе ги бараат преку дијалог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Стејт Департментот, Нед Прајс, ја коментираше актуелната ситуација на односите помеѓу САД и Турција и порача дека соработката продолжува.
„Уверени сме дека погледот напред и соработката на полињата на заедничкиот интерес е најдобриот пат, и знаеме дека имаме многу заеднички интереси со Турција“, рече Прајс.
Тој истакна дека американскиот амбасадор во Турција, Дејвид Сатерфилд сè уште ја извршува таа должност и дека САД во глобална смисла ќе продолжат да се залагаат за владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
За изјавата на американската амбасада во Анкара, која ја поддржаа уште девет амбасади, во врска со случајот „Кавала“ кажа дека САД во односите со Турција ја почитуваат Виенската конвенција за дипломатски односи.
Амбасадите на САД, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд се огласија неодамна преку социјалните мрежи тврдејќи дека „судскиот процес против Осман Кавала фрла сенка на демократијата и владеењето на правото во Турција“ и повикаа на негово ослободување.
По објавите на социјалните мрежи, Министерството за надворешни работи на Турција ги повика на разговор амбасадорите на тие држави, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата кажа дека му дал инструкции на министерот за надворешни работи десетте странски амбасадори да се прогласат за персона нон грата во Турција.
Амбасадорите на споменатите држави потоа издадоа соопштение во кое потврдуваат дека ќе го почитуваат членот 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи, што е протолкувано како нивен чекор назад во однос на првобитните контроверзни изјави за случајот „Кавала“.
Осман Кавала е еден од 52-та обвинети за судската постапка поврзана со случаите за обидот за пуч во Турција во 2016 година на терористичката организација ФЕТО и случајот во паркот Гези. Турскиот претседател кажа дека Осман Кавала е огранок на Сорос во Турција, а изјавите на амбасадорите ги окарактеризира како израз на невоспитаност.
„Anadolu Agency“










