АНКАРА (АА) – Неименуван извор од Кабинетот на турскиот претседател соопшти дека Реџеп Таип Ердоган ги оценил како позитивни последните изјави на американската и на другите амбасади во Анкара во врска со случајот на Осман Кавала, еден од 52-та обвинети во судскиот процес поврзан со случаите за обидот за пуч во Турција на терористичката организација ФЕТО и настаните во паркот „Гези“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изворот истакна дека Ердоган ја поздравува последната изјава објавена од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Анкара, што ја споделија и амбасадите на Канада, Финска, Данска, Холандија, Шведска, Норвешка и Нов Зеланд, кои исто така беа вмешани во контроверзните реакции за случајот на Осман Кавала.
Амбасадите на тие земји во Турција соопштија денес дека ќе се придржуваат до членот 41 од Виенската конвенција за дипломатски односи, што е нивен чекор назад кога станува збор за претходните реакции за случајот со Осман Кавала.
Членот 41 од Виенската конвенција им наложува на странските дипломати да ги почитуваат законите и поредокот на државите во кои делуваат и им забранува мешање во внатрешните работи на тие држави.
Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд неодамна се огласија преку профилите на социјалните мрежи тврдејќи дека „судскиот процес против Осман Кавала фрла сенка врз демократијата и владеењето на правото во Турција“ и повикаа на ослободување на Кавала.
По објавите на социјалните мрежи, Министерството за надворешни работи на Турција ги повика на разговор амбасадорите на овие земји, а на средбата им беше пренесено дека нивните изјави се претерани и неприфатливи.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во саботата изјави дека му дал насоки на министерот за надворешни работи што поскоро да се прогласат десет странски амбасадори за персона нон грата во Турција, поради изјавите за Осман Кавала.
Осман Кавала е еден од вкупно 52-та обвинети во судскиот процес поврзан со случаите за обидот за пуч во Турција во 2016 година на терористичката организација ФЕТО и случувањата во паркот „Гези“. Турскиот претседател рече дека Осман Кавала е огранок на Сорос во Турција, а изјавите на амбасадорите ги окарактеризира како израз на недостаток на воспитување.
Anadolu Agency









