Извештајот на ЕК пристигна. Каков е годинава во делот за правосудството? За коментар ја прашавме Гордана Дувњак во рамки на рубриката „Има ли правда“ на „Утрински брифинг“.
„Добар е, реален, со интересна констатација дека судскиот систем во Македонија е умерено подготвен што верувам дека во голема мера се должи на тоа што Министерството за правда успеа да го направи. Мене ми беше интересно тоа што ни на Европејците ни нам не може да ни се протне вистинската реалност. Европската комисија вели: Владата да се фокусира на имплементација на законските решенија и да не се зафаќа со нови проекти. Или, закони имате – спроведете ги“, вели Дувњак.
Таа додава дека законската рамка е добра, но судството треба да функционира што гледаме преку предметите на СЈО, но истовремено гледаме дека сѐ уште зборуваме за изборни манипулации и тоа поминува така, што секако дека тоа ќе се нотира. Тогаш, што е проблемот во судството, оти владата не смее да се меша?
„Судството сѐ уште не е свесно дека е посебна власт, трета власт. Не можам да поверувам колку Обвинителството не може да тропне на маса и да рече дека нема услови за работа, дека му недостасуваат 60 обвинители, па стручни соработници, исто така и Врховниот суд не е комплетиран. А видовме дека ако сакаме можеме со СЈО. Ако во СЈО функционираа истражните центри, зошто такви не би функционирале и сега. Недозволиво е некои истраги да траат неколку години“, вели Дувњак.
„Недозволиво е да не функционира конфискацијата. Што оти некој лежи во затвор, а парите не се вратени? Секој затвореник државата ја чини 800 евра месечно. Можеби затоа има во извештајот критички дел за затворите – се бара примена на алтернативни мерки на казнување. Имаме минимална примена на пробација, а во затворот Идризово има 1100 затвореници, што е многу“, коментира Дувњак за „Утрински брифинг“.
„Судиите како да не размислуваат подалеку. Набавивме алки за пробацискиот систем, ама не се користат оти при тендерот не е предвидено нивно одржување. Конзервативни сме како средина, а особено судскиот дел е поконзервативен“, вели Дувњак за „Утрински брифинг“.
„Sloboden pecat“










