Лидерот на СДСМ бара од членовите на партијата сите да излезат на терен во деновите пред вториот круг и да покажат дека ја разбрале пораката на граѓаните.
За да ги зголеми шансите на кандидатите на СДСМ во вториот круг на изборите лидерот на партијата Зоран Заев, испрати писмо до членството во кое го повикува да се мобилизира во деновите пред гласањето. Во него тој пишува дека ја разбрале пораката на граѓаните и дека ќе направат дополнителни промени.
„Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушаме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно“, пишува Заев.
Тој вели дека е јасно оти промените што ги направиле не се доволни и „тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно, нашата борбата не е завршена“.
Поради тоа тој бара зголемена мобилизација од членството, затоа што „во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ“, вели тој.
Како и во обраќањето ноќта по завршувањето на првиот круг Зоран Заев повикува на обединување.
„Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме“, вели Заев во борбената изборна порака.
„Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас“.
Нагласувајќи дека „за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо“, Заев им пишува на своите сопартијци дека „овој пат ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција“.
Тој на крајот бара од членството брза анализа и итно враќање на теренот, а таму да се слушне гласот на граѓаните.










