Околу 11 милиони евра е износот што може да се очекува како цена на чинење на овие избори што ќе го плати државата. Вообичаено, изминативе години Министерството за финансии ѝ префрлало на Државната изборна комисија по околу 7 милиони евра за техничкото спроведување на изборите, а од пред две години, со измените во Изборниот законик, државата плаќа и за рекламите на политичките партии. За оваа намена за овие избори на располагање има околу 4 милиони евра за сите партии и граѓански кандидати.
„Слободен печат“ официјално праша и во Министерството за финансии и во Државната изборна комисија за точните износи на парите што се на располагање за овие избори, но одговор не добивме.
Според досегашните сознанија, најголема ставка во самото спроведување на изборите се печатење ливчиња, обрасци, записници и упатства. На еден од претходните избори, од вкупно 7,5 милиони евра, за оваа намена ДИК издвоил 6,5 милиони евра, а другите пари отишле за транспорт, за печати и перничиња, сигурносни ленти и паравани, УВ-ламби и спреј, чување доверлив материјал… Годинава, наместо УВ-ламби, контролата ќе се врши со отпечаток од прст, за што се набавени 4.000 уреди.
Државно рекламирање
Почнувајќи од претседателските избори во 2019 година, за првпат државата почнува да го плаќа рекламирањето за време на изборна кампања од државниот буџет. Дотогаш партиите се рекламираа колку што имаа пари. Државното финансирање на рекламите предизвика остри реакции во јавноста, но тоа и понатаму остана обврска што произлезе од измените на Изборниот законик.
„Финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија во текот на изборниот процес, не смеат да ја надминат сумата од 2 (две) евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ, по запишан избирач од вкупно запишани избирачи на територијата на Република Северна Македонија, а за локални избори дополнително по 1 (едно) евро во денарска противвредност без пресметан ДДВ по запишан избирач на територијата на општината каде што се одржува втор круг на гласање“, одредува Изборниот законик.
Овој пат Избирачкиот список се затвори со 1.824.864 граѓани, кои ќе можат да гласаат на локалните избори в недела. Ова значи дека иницијалниот буџет на државата наменет за реклама за овие избори е околу 3,6 милиони евра (по 2 евра за секој запишан избирач), а дополнително ќе има пари и реклами за вториот круг избори во одделни општини.
Според Изборниот законик, медиумите доставуваат ценовници до ДИК, а политичките партии и други учесници во изборите, доставуваат планови за објавување реклами. Државната изборна комисија ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од медиумот во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати.
За парламентарните избори во 2020 година, државата за рекламната кампања платила околу 3,2 милиони евра. Најмногу пари отишле кај трите најголеми коалиции предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, затоа што во Изборниот законик е предвидено дека по 45 отсто од вкупниот износ може да добијат две најголеми политички партии што се на власт и две најголеми партии во опозиција, според освоените гласови на последниот избор на пратеници. За преостанатите, остануваат 10 проценти.
Донациите мора да се пријават
Освен со државни пари, учесниците во изборите своите кампањи може да ги финансираат и со пари од својата сметка што ќе ги пренаменат на посебна сметка за изборите, како и со донации. За своето финансиско работење тие се должни да поднесуваат извештаи, а првиот што имаа обврска да го објават до 8 октомври открива интересни податоци. Така, Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ, по 11 дена од оваа кампања, во извештајот навела дека нема ниту една донација. Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ пријавила една донација од 300.000 денари од правно лице. ДУИ, во периодот од 1 септември до 7 октомври, имал донации од 13 граѓани во вкупна вредност од 351.000 денари, а Алијанса на Албанците и Алтернатива пријавила дека има пренесено донации од правни лица од нејзината основна сметка во наменската сметка за избори во висина од 2.350.000 денари. На Левица ѝ донирале 19 граѓани, вкупен износ од 103.599 денари.
Сите приходи и расходи во врска со изборите, партиите на јавноста треба да ѝ ги дадат на „тацна“ најдоцна 30 дена по затворањето на нивната сметка за избори.
„Sloboden pecat“










