БЕЛГРАД (АА) – Светот е поголем од петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) и тоа треба да биде наша заедничка цел, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, за време на обраќањето на Самитот по повод 60-годишнина на Движењето на неврзаните земји, што се одржува во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тој го оцени денешниот собир како историски и порача дека се многу важни принципите за кои денес се зборува, што се утврдени во Белград пред 60 години.

„Неврзаните земји, со првата декларација, која тука е усвоена, се фокусираа на економските нееднаквости, мултилатералниот пристап на глобалните прашања и ние и понатаму зборуваме за тие работи“, наведе Чавушоглу.

Тој потсети дека нееднаквостите продолжуваат да се шират низ целиот свет, и според извештаите на ОН, овие нееднаквости опфаќаат 70 отсто од светската популација.

„Постои растечки технолошки јаз помеѓу развиените и помалку развиените земји, и тој јаз се зголемува, особено сега кога технологиите се развиваат побрзо. Исто така, мора да ги земеме предвид најмалку развиените земји“, додаде Чавушоглу.

Тој, исто така, потсети дека Белградската конференција уште тогаш повикала на проширување на Советот за безбедност на ОН.

„Тогаш тие рекоа дека светот е поголем од пет земји, само треба да бидат повеќе земји претставени од аспект на мултилатерализмот. Погледнете колку е точно ова денес кога зборуваме за борбата против тероризмот, за борбата на Палестинците, за борбата против пандемијата. Тоа треба да биде нашата заедничка цел. Светот не е светот од 1961 година, Студената војна заврши, биполарниот свет се претвори во мултилатерален, и затоа предизвиците се многу посложени“, нагласи Чавушоглу.

На крајот, Чавушоглу додаде дека главните принципи на Белградската декларација остануваат многу релевантни и важни, и во овој поглед рече дека Движењето на неврзаните треба да биде уште посилно во своите активности.


„Anadolu Agency“