Најмалку двајца војници се ранети во вооружен напад на избирачко место во источната иранска провинција Дијала, известува Агенција Анадолија (АА).
„Вооружени напаѓачи пукаа на гласачкото место во округот Садија, североисточно од Дилаја“, изјави за АА полицискиот поручник Шалан ел Камели.
Во нападот се повредени и двајца војници, а вооружените напаѓачи избегале од местото на нападот.
Ел Камели за нападот ја обвини терористичката организација ДЕАШ. Засега никој не ја презеде одговорноста за настанот.
Денес во Ирак се одржуваат предвремени парламентарни избори што се проследени со силни безбедносни мерки.
Локални извори информираат дека на гласачките места во Багдад и Киркук дошло до дефекти на електронските апарати и читачи за отпечаток од прст, поради што, поголем број од гласачите не биле во можност да гласаат.
Гласачките места се затвораат во 18 часот по локално време, а прелиминарните резултати од гласањето би требало да бидат познати веќе утре.
Ирак поради денешните избори до понеделник ги затвори сите копнени и поморски граници во земјата и ги забрани комерцијалните летови на сите компании.
Во изборната трка за новиот парламент, кој брои 329 пратеници, се борат 3.249 кандидати претставени од 21 коалиција и 109 политички партии.
Изборната комисија на Ирак соопшти дека право на глас на претстојните избори имаат 24 милиони Ирачани од вкупно 40 милиони жители на таа земја. Изборите ги следат 877 странски набљудувачи.
Изборите првично беа планирани да се одржат во 2022 година, но распишани се порано, откако дојде до масовни антивладини демонстрации во 2019 година поради длабоко вкоренетата корупција и лошите јавни услуги.
Ова се петти избори во Ирак од 2003 година и американската инвазија во која од власта беше соборен поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин.
Anadolu Agency










