АДЕН (АА) – Меѓународната организација за миграција (IOM) соопшти дека приближно 10 илјади луѓе мигрирале во септември поради ескалација на конфликтите во градот Мариб, Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во писмената изјава дадена од Меѓународната организација за миграција, поврзана со Обединетите нации (ОН), се наведува дека има алармантно зголемување на стапките на раселување од септември поради ескалацијата на конфликтот во градот Мариб и неговата околина.

„Минатиот месец околу 10 илјади луѓе се раселени во Мариб. Ова е највисоката стапка на миграција за еден месец оваа година“, се наведува во писмената изјава.

Шефицата на мисијата на ИОМ во Јемен, Криста Ротенштејнер, истакна: „Обновеното насилство во Мариб го дестабилизира животот на илјадници луѓе и предизвикува смрт и повреди кај цивилите, вклучително и кај деца.“

Ротенштејнер, исто така, ги повика сите страни да ги заштитат цивилите и да ги почитуваат меѓународните човекови права.

– Граѓанската војна во Јемен –

Во Јемен подолго време владеат судири и политичка нестабилност помеѓу владините сили и Хусите кои се поддржани од Иран.

Хусите од септември 2014 година под своја контрола имаат повеќе подрачја во земјата, меѓу кои јеменскиот главен град Сана, додека коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на јеменската Влада против Хусите.

Според ОН, 80 проценти од населението во Јемен, каде што се доживува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, има потреба од хуманитарна помош и заштита.

Anadolu Agency