Нацистички сувенири, во вредност од околу три милиони евра, биле пронајдени во Бразил во куќата на маж осомничен за педофилија, објави денес бразилската полиција. Полицијата во Рио де Женеиро предаде налог за апсење на маж, кој е неименуван и обвинет за силување малолетници и злоупотреба на деца, објави Ројтерс.

Кога пристигнале во куќата, полицијата открила дека човекот поседувал бројни фотографии од Адолф Хитлер, знамиња, оружје и муниција од тоа време, нацистички обележја и униформи, слики и периодични изданија. Имал повеќе од 1.000 предмети во куќата. Осомничениот 59-годишник потекнува од богато семејство, а полицијата верува дека го искористил своето наследство за да купи предмети за неговата колекција на нацистички сувенири. Полицијата истражува дали човекот продолжува да купува предмети од нацистичкиот период на онлајн пазарот. – Се однесува како паметна личност, елоквентен, но негира дека Холокаустот воопшто се случил, хомофобичен е, педофил и вели дека неговата мисија е да прогонува хомосексуалци – изјавил за Ројтерс главниот детектив Луис Армонд. Детективот додаде дека му се чини дека човекот е психопат иако не е доктор за да го утврди тоа професионално. Полицијата бара музеј за да ја прими пронајдената колекција. Заедно со обвинението за педофилија, мажот е обвинет за расна дискриминација и нелегално поседување оружје.