Четиристотини гробници длабени во карпи, стари околу 1.800 години, украсени со мотиви, пронајдени се на стрмните падини кои го опкружуваат античкиот град Блаундос во местото Улубеј во турската област Ушак.
Во тек се археолошки ископувања во античкиот град Блаундос, кој е опкружен со длабоки долини. Во минатото овој град бил населен од оние што дошле од Македонија во походот на Александар Велики кон Анадолија, а подоцна градот бил припоен кон Кралството Пергамон и Римската Империја.
Проф. д-р Бирол Џан, предавач на Одделот за археологија при Универзитетот „Ушак“, под чие водство се спроведуваат актуелните ископувања, информира дека се откриени голем број артефакти од хеленистичкиот, римскиот и византискиот период.

Овогодишната работа е фокусирана на подрачјата на падините на некрополите во длабоките долини што го опкружуваат античкиот град.
За текот на ископувањата откриени се 400 еднособни и повеќесобни гробници во карпи, стари околу 1.800 години, со ѕидови украсени со специјални мотиви.
Бирол Џан, директорот на ископувањето, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека античкиот град бил изграден на заштитен рид.
Наведувајќи дека градот има само еден влез од север и е опкружен со долина која достигнува длабочина од 70 метри на некои места, Џан истакна:
„Откривме 400 гробници во карпи во текот на нашите истражувања на стрмните падини на долината. Карпестите гробници се изградени во вид на тераси, при што се користеле можностите што ги дозволува теренот. Од материјалите што ги откривме и анализите на коските што ги направивме, дознавме дека овие гробници во карпи интензивно биле користени во периодот по 2 век од нашата ера. Можеме да кажеме дека тие биле користени како простории за одделни и семејни гробници.“

Изразувајќи мислење дека има голем број гробови под земјата, Џан истакна дека тој простор одговара на површина колку што е и големината на населениот дел на градот.
Објаснувајќи дека постојат различни типови на простории во внатрешноста на гробовите, Џан продолжи со зборовите:
„На ѕидот пред секоја соба постојат саркофази врежани во карпата со заоблен горен дел. Меѓу оние што можевме да ги откриеме, има и гробови со должина од околу 10 до 12 метри, во кои се погребани 25 до 30 луѓе. Кога ги разгледувате овие гробници во однос на техниката на градба, забележувате дека првично тие биле дизајнирани како единечна просторија по профилирана влезна врата. Меѓутоа, може да се види дека со текот на времето, сакале да погребат и други лица во истиот гроб, па се забележува дека се продолжени спротивниот ѕид или страничните sидови и таму е изградена втората просторија, а подоцна и третата. Покрај тоа, пронајдени се и места за кои се смета дека биле користени за погребни церемонии. Главната врата на карпестите гробници се затворени со мермерна врата, а повторно била отворана за погреб или за церемонијални периоди.

– Гробовите се украсени со мурали
Посочувајќи дека sидовите и таваните во внатрешноста на гробниците длабени во карпа се украсени со ѕидни слики (мурали), со форми на гранки на лоза, гроздови на грозје, венци и цвеќиња, Џан рече дека некои од нив се оштетени од природни и човечки причини.
Нагласувајќи дека приоритет им е зачувувањето на артефактите, Џан истакна дека покрај научните студии, подготвуваат и проекти за промоција и отворање на овие карпести гробници за посетители.
Наведувајќи дека ќе има пешачка патека која ќе почне од влезот на градот и ќе ги обиколува карпестите гробници, Џан истакна: „Во рамките на овој проект, планирано е и осветлување на гробниците. Во блиска иднина планираме да ја направиме целата некропола достапна за посета.“









