Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција наскоро ќе ја стави на располагање на човештвото својата домашна вакцина против Ковид-19 „Турковак“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган имаше свое обраќање на 76. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), кое се осврна на повеќе прашања.

„Продолжувањето на национализмот во однос на вакцините во време кога десетици милиони луѓе се во тешка ситуација поради вирусот е срам за човештвото“, рече Ердоган.

Тој соопшти дека Турција наскоро ќе ја стави на располагање на човештвото својата домашна вакцина против Ковид-19 „Турковак“.

Турскиот претседател се осврна и на прашањето во врска со кризата во Сирија, нагласувајќи дека меѓународната заедница не смее да дозволи кризата во Сирија да продолжи уште 10 години.

„Турција нема ниту средства ниту трпение за да се соочи со нови мигрантски бранови“, истакна Ердоган, додавајќи дека Турција го „спаси достоинството на човештвото во сириската криза“.

Исто така, Ердоган говореше и за израелско-палестинскиот конфликт, додавајќи дека мировниот процес и визијата за дводржавно решение треба да се оживеат без понатамошно одложување.

„Императив е да се напушти менталитетот што ја игнорира Турција, која има најдолг брег во Источниот Медитеран“, рече турскиот претседател Ердоган, во врска со случувањата на Источен Медитеран.

Турскиот претседател во своето обраќање на седницата на Генералното собрание на ОН се осврна и на прашањето во врска со климатските промени.

Ердоган истакна дека спречувањето на коронавирусот со вакцини е возможно, но според него, за климатските промени нема лабораториско решение.

„Најголемиот придонес во борбата против климатските промени треба да го дадат оние кои најмногу му наштетиле на светот и оние кои брутално ги експлоатираа природните ресурси“, додаде Ердоган.