Државниот завод за статистика (ДЗС) преку прес-конференција го најави почетокот на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, во својата изјава рече дека утре започнува најголемата и долгоочекувана статистичка операција, нагласувајќи дека се направени сите подготовки.
„После речиси 20 години, после големи премрежија, опструкции, одолговлекувања, одложувања, конечно сме на прагот да отпочнеме со теренската работа и со прибирањето на потребните податоци. Сите подготовки се завршени“, изјави Симовски.
Тој упати апел до граѓаните со доверба да ги примаат попишувачите, додавајќи дека пописот е од интерес на сите.

Истакнувајќи го значењето на пописот, заменик-директорот на ДЗС, Илми Селами, рече дека никој не смее да биде изоставен, без оглед на неговата етничка или верска припадност.
„За оние кои се плашат од ширење на заразата, посебно сакам да истакнам дека нашите попишувачи максимално ќе ги почитуваат и применуваат заштитните мерки пропишани во протоколот за спроведување на попис за време на Ковид“, рече Селами.
Тој исто така апелираше и граѓаните да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита од коронавирусот, за сите да се чувствуваат безбедно во текот на пописот.
На прес-конференцијата свое обраќање имаа и министерот за правда, Бојан Маричиќ, и заменик-министерот за правда, Агим Нухиу.
Министерот Маричиќ рече дека пописот е натпартиска статистичка операција и изрази задоволство што сите поголеми политички партии го поддржаа пописот.
Заменик-министерот Нухиу потсети дека продолжува пописот на дијаспората и апелираше до сите што се надвор од земјата, а не се попишале досега, да се попишат со електронското самопопишување.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот на ДЗС, Апостол Симовски, рече дека граѓаните можат да побараат попишувачите да бидат вакцинирани.
Тој, исто така, рече дека Министерството за здравство на дневна основа ќе им доставува податоци за тие лица што се во изолација или се позитивни на коронавирус. Симовски рече дека првично ќе чекаат да помине овој период, а доколку тоа не е можно, тогаш ќе се применуваат посебни протоколи.
Пописот на населението во Македонија ќе трае до 30 септември. Тој првично требаше да се одржи од 1 до 21 април, но беше одложен поради влошената ситуација со новиот вид коронавирус (Ковид-19).
Северна Македонија последен пат одржа попис во 2002 година. Во 2011 година започна пописот, но беше прекинат откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективни и неотповикливи оставки.










