Американскиот претседател, Џо Бајден, опишувајќи ја ситуацијата во Кабул, главниот град на Авганистан, како „екстремно опасна“, изјави дека голема е веројатноста во рок од 24 до 36 часа да биде извршен нов напад на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, известува Агенција Анадолија (АА).
Бајден во писмено соопштение по состанокот со Советот за национална безбедност на САД и регионалните команданти наведе дека на средбата се разговарало за воздушниот напад што американските сили претходниот ден го изведоа врз припадниците на ДЕАШ.
„Ова не е последен напад. Ќе продолжиме да ги фаќаме и да ги осудуваме сите оние што се вмешани во тој грозоморен напад (терористичкиот напад во Кабул во кој загинаа 13 американски војници)“, вели Бајден во писменото соопштение.
Нагласувајќи дека преземаат секакви мерки на претпазливост за да ѝ се даде приоритет на безбедноста на американските војници, Бајден го даде следниот коментар: „Ситуацијата на терен останува исклучително опасна и заканата од нов терористички напад на аеродромот е голема. Нашите команданти информираа дека постои голема веројатност за нов напад во рок од 24 до 36 часа.“
Потсетувајќи дека вчера се евакуирани уште 6.800 луѓе од Кабул, претседателот Бајден истакна дека на состанокот разговарале за активностите што ќе ги преземат со цел да продолжат да им помагаат на оние што сакаат да го напуштат Авганистан по заминувањето на американската Армија.
Anadolu Agency









