Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес ќе престојува во службена посета на Црна Гора, известува Агенција Анадолија (АА).

Ердоган на аеродромот „Голубовци“ треба да допатува во претпладневните часови во придружба на делегацијата, а по пристигнувањето во Подгорица, турскиот претседател ќе се упати кон Цетиње, каде што со најголеми државни почести ќе биде пречекан од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

„По запишувањето во книгата на гостите, тет-а-тет разговорот и состанокот, претседателите ќе дадат изјави за јавноста“, соопшти Кабинетот на Ѓукановиќ.

Се планира Ѓукановиќ со сопругата да приреди свечен ручек во чест на високиот гостин и неговата сопруга. Гости на ручекот, покрај членовите на делегацијата, ќе бидат и потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, градоначалникот на Цетиње, Александар Кашќелан, претседателот на Бошњачката странка, Ервин Ибрахимовиќ, и реисот на Исламската заедница на Црна Гора, Рифат Фејзиќ.

Во одвоена програма првата дама на Црна Гора, Лидија Ѓукановиќ, ќе ја угости првата дама на Република Турција, Емине Ердоган. Првите дами ќе го посетат Музејот на кралот Никола во Цетиње и изложбата на платото пред Музејот.

Ердоган во текот на посетата на Црна Гора ќе се состане и со претседателот на црногорското Собрание, Алекса Бечиќ, и со премиерот Здравко Кривокапиќ, а планирана е посета и на џамијата „Низам“ и медресата „Мехмет Фатих“.