Расте бројот на жртви од денешниот, очигледно, самоубиствен напад во близина на аеродромот во Кабул, главниот град на Авганистан.

Би -Би -Си објави дека 60 лица загинале, а 140 се повредени. Од друга страна, медиумите во САД објавија дека во нападите загинале 10 американски војници. АП јавува дека најмалку 12 припадници на американската војска се мртви, вклучувајќи 11 маринци и еден лекар. Министерството за одбрана на САД (Пентагон) официјално ги потврди овие податоци. Две одделни експлозии се случија денеска во областа во близина на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи во Кабул, каде евакуацијата на луѓето се уште трае.

Во времето на нападот, потсетува Би -Би -Си, областа на аеродромот била преполна и имало многу цивили, жени и деца, како и припадници на воените сили кои ја организирале евакуацијата. Портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид ги осуди нападите на Твитер, велејќи дека тие се случиле во областа на одговорност на американските безбедносни сили. АП претходно изјави, повикувајќи се на американски претставници, дека терористичката организација ИСИЛ-К е осомничена за нападите.