Крајниот рок за повлекување на американските сили од Авганистан, одреден до 31 август, е „црвената линија“ и доколку се прекрши, ќе следат последици, изјави денес портпаролот на талибанците Сухаил Шахин. – Тоа е црвена линија. Американскиот претседател Џозеф Бајден најави дека ќе ги повлече сите свои сили на 31 август. Ако го продолжат рокот, тоа значи дека ја продолжуваат окупацијата иако нема потреба – изјави Шахин за вестите на Скај.

Тој нагласи дека Талибанците ќе кажат „не“ доколку САД или Велика Британија „побараат дополнително време за продолжување на евакуацијата“ и дека во тој случај ќе има последици. Американскиот претседател претходно изјави дека евакуацијата од аеродромот во Кабул се забрзува и дека се водат разговори со лидерите на другите земји за продолжување на таа акција по 31 август. Бајден додаде дека се надева дека тоа нема да се случи. Шахин, исто така, ги коментираше правата на жените и рече дека „нема да загубат ништо“ под талибанската администрација. 

Илјадници Авганистанци чекаат пред влезот на аеродромот со надеж дека ќе ја напуштат земјата откако Талибанците дојдоа на власт. Американскиот претседател eо Бајден изјави дека американските војници го прошириле периметарот околу објектот во главниот град на Авганистан. Бајден рече дека САД евакуирале близу 28.000 луѓе од овој аеродром минатата недела. Претходно, Пентагон објави дека 18 комерцијални авиони ќе се користат за да помогнат во евакуацијата во трети земји од безбедни локации надвор од Авганистан. Најмалку 20 лица загинаа во густ сообраќај пред аеродромот во Кабул, изјави претставник на НАТО за Ројтерс. Извештаите велат дека некои луѓе биле прегазени во толпата.

РСЕ