Автобусот што се преврте утрово на германскиот автопат А13 меѓу Стааков и Фрајвалде, во правец кон Берлин, е од Србија, објавија германските медиуми. Во автобусот имало 34 патници, од кои 17 се повредени. Двајца возачи и уште четворица патници се тешко повредени, пишува Билд.

Тешко повредените биле пренесени во болниците во Котбус и Берлин. На местото на несреќата се поставени шатори, во кои им се пружа помош на полесно повредените, пишува РББ24. Според првите информации, станува збор за автобус од Србија кој превезувал државјани на Германија, Шведска, Израел и Србија. Како пренесува Билд, автобусот бил на пат од Белград преку Берлин до Стокхолм, така што имало многу меѓународни патници.

Во него се наоѓале двајца Израелци, еден Швеѓанец, шест Германци и седум Срби. Несреќата се случи нешто пред 22 часот. Во спасувањето и помагањето на повредените учествувале шест хеликоптери и 67 спасувачки возила. Автопатот е целосно затворен во двата правци. Автобусот се превртел кога почнал да се врти кон паркинг.

(Вијести.ба)