Училиштата затворени поради ковид-19 мора да се отворат што е можно поскоро, соопштија Обединетите нации проценувајќи дека е во прашање образованието на повеќе од 600 милиони деца.
„Ова не може да продолжи“, им рече на новинарите Џејмс Елдер, портпарол на Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) во Женева. „Повторното отворање на училиштата не може да чека да се вакцинираат сите наставници и ученици“.
Иако ги признава тешките избори што владите треба да ги направат кога ќе се соочат со кризата со Ковид-19 и евентуалното ширење на болеста, „училиштата треба да бидат последните што ќе се затворат и први ќе се отворат“, додаде тој, нарекувајќи ја „страшна грешка“ повторно да се отворат барови и пабови пред училиштата.
АФП пренесува дека децата на северната хемисфера се на летен одмор, во источна и јужна Африка, околу 40 проценти од децата на училишна возраст во моментов се надвор од училиште.
Низ тој регион, училиштата се затвораат поради напливот Ковид-19, а повеќе од 32 милиони деца, според проценките, се надвор од училиште заради затворање во врска со пандемијата или не успеале да се вратат по повторно отворање на нивните училници.
Во речиси половина од земјите во Азија и Пацификот, училиштата се затворени повеќе од 200 дена за време на пандемијата. Во Јужна Америка и Карибите има 18 земји и територии каде училиштата се или затворени или делумно затворени, рече Елдер.
Низ целиот свет, „образованието, безбедноста, пријателите и храната се заменети со вознемиреност, насилство и бременост во тинејџерска возраст“, рече тој.
Далечинското учење останува недостижно за една третина од учениците ширум светот, рече УНИЦЕФ.
Nezavisen








