Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека кипарските Турци се борат за еднаквост и правда веќе повеќе од половина век, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Страната на кипарските Турци уште еднаш му покажа на светот кој се залага за решение, а кој профитира на непостигнувањето на решението. Кипарските Турци се борат за еднаквост и правда на островот повеќе од половина век“, изјави Ердоган во обраќањето пред новинарите на Аеродромот „Ататурк“ пред поаѓањето во Турската Република Северен Кипар, по повод одбележувањето на 47-годишнината од мировната операција на Турција на Кипар.
„Го повторувам својот апел на сите страни кои сакаат праведна, трајна и одржлива иднина на Кипар да ја искористат оваа историска можност“, додаде тој.
Тој порача дека Република Турција секогаш ќе биде со кипарските Турци.
„Турција и сите припадници на турскиот народ, како што правеа во минатото, и денес како и утре ќе бидат со кипарските Турци“, изјави Ердоган и додаде:
„Ние заговараме решение за две рамноправни и суверени земји, ние го поддржуваме таквото решение. Доколку во наредниот период се одржи нов преговарачки процес, тоа може да се направи само меѓу две рамноправни и суверени држави“, изјави турскиот претседател.
Тој ја коментираше и одлуката на Европскиот суд за правдата со која на компаниите во Европската Унија им е одобрено под одредени услови да им забрануваат на вработените да носат хиџаб.
„Судот треба да го промени називот, ова нема никаква поврзаност со правдата. За да докажеме дека се работи за суд за правдата, најпрво мора да се научи што е слобода на вероисповед. Нека тоа истото го кажат и на оние кои носат [еврејска] кипа. Се прашувам можат ли да кажат такво нешто на оние кои носат кипа?“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на последните изјави на талибанците во врска со случувањата во Авганистан.
„Авганистан е држава во која муслиманите се мнозинство. Не е правилен пристапот талибанците да ја продолжат окупацијата на земјата“, изјави тој.
На крајот уште истакна дека Турција веќе до крајот на годината би требало да произведе сопствена вакцина против коронавирусот.
„Се надевам дека до крајот на годината ќе произведеме сопствена вакцина и дека нема да се грижиме дали ќе добиеме вакцини од надвор“, изјави Ердоган.









