Рускиот претседател напиша текст во кој се повикува на „историско единство меѓу Русите и Украинците“ и веќе заканувачки порачува дека Кремљ може да прифати само „пријателски настроена Украина“.
Денес, со Украина управува Западот за да ја ослабне Русија. Москва нема да го прифати тоа. „Никогаш нема да дозволиме нашите историски области и луѓето блиски до нас, кои живеат таму да се користат против Русија“, се заканува Путин. На друго место, рускиот претседател е лут на, како што вели, „присилната асимилација“ на етничките Руси во Украина. Ова го поистоветува со употребата на оружје за масовно уништување: „Како последица на таквата груба, вештачка поделба меѓу Русите и Украинците, рускиот народ може да се намали за стотици илјади, па дури и за милиони луѓе“. Ова е првпат ваква споредба да се чуе од Путин.
„Заканите на Путин се опасни“
Виенскиот историчар Андреас Капелер важи за еден од најдобрите познавачи на историјата на Украина и сложените односи меѓу Украинците и Русите, кои ги опиша во својата книга „Нерамноправни браќа“. Тој смета дека ваквите изјави на Путин не се ништо ново, но оти тој станал порадикален во своите ставови. „Во тој напис, тој, на неколку места, јасно се заканува со интервенција на Русија во Украина, што потоа сака да го легитимира со историјата и на други начини“, вели Капелер. „Империјалниот национализам, кој тој секогаш го застапуваше сега е силно збогатен со етнички елементи. Ова е особено опасно“. Бидејќи во тоа се огледа амбицијата на Русија да ги заштити сите малцинства во руското јазично подрачје во другите поранешни советски републики.
Некои извадоци од текстот на Путин може да се протолкуваат како закана со војна, вели Капелер. Основните тези не се однесуваат само на Украина, туку на сите поранешни републики на СССР – но и на Западот. Во дополнителните објаснувања на неговиот текст, Путин вели дека Русија може да прифати само „пријателски настроена Украина“ во рамките на сегашните граници. Историчарот Капелер иронично забележува дека Путин во својата статија не ја споменува главната причина за моменталната напнатост, имено окупацијата на Крим и војната во источна Украина каде Русија ги поддржува сепаратистите – иако Москва упорно го негира тоа.
Затоа Путин токму сега му се заканува на Киев
Но, зошто Путин, токму сега испраќа ваква порака до Украина? Тој, самиот објаснува дека постојат „индикации“ дека Западот сака да ја направи Украина „антипод на Русија“ – вклучително и воено. Покрај тоа, тој е револтиран од третманот на Киев кон опозицискиот украински политичар Виктор Медведчук, со кого Путин има близок, личен контакт. Украинската истрага, меѓу другото, го обвинува Медведчук за велепредавство и тој во моментов е во домашен притвор во Киев.
Путин е „посебно лут“ на Зеленски поради неговиот став кон Медведчук, смета и рускиот новинар Константин Егерт. Навистина, веќе со месеци Путин не сака да се сретне со неговиот украински ривал, ни билатерално, ниту во рамките на Нормандискиот формат. поттикнат од Франција и од Германија. И не случајно, написот на Путин се појави за време на престојот на украинскиот претседател во Германија и во пресрет на неговата посета на Вашингтон на крајот на месецов.
Досега украинскиот претседател нагласено опуштено се осврнува на написот на Путин. Рускиот претседател немаше време за средба и сега знае со што бил зафатен, изјави Зеленски. Тој најави, дека сепак ќе размисли за неговиот одговор на текстот на Путин.
„DW“









