САРАЕВО (АА) – Тажната колона со ковчези на 19 жртви на геноцидот во Сребреница мина низ Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, и како и претходните години, застана пред зградата на Претседателството на БиХ, каде што семејствата на жртвите и бројни граѓани им оддадоа почит на жртвите на геноцидот.

Колоната со посмртните останки потоа продолжи кон Поточари, каде што в недела, 11 јули, ќе се одржи погребната молитва и закопот во комплексот на Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пред зградата на Претседателството на БиХ, на испраќањето на жртвите од Сребреница беа членовите на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, реис ул-улема на Исламската заедница во БиХ, Хусеин Кавазовиќ, потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, турскиот амбасадор во БиХ, Садик Бабур Гиргин, бројни други претставници на различни нивоа на власта и бројни граѓани.

На главната сообраќајница во Сараево завладеа тишина кога на почетокот на улицата се појави конвојот со ковчези. Бројни граѓани, семејствата на жртвите, пријатели и роднини, кои се собраа пред зградата на Претседателството, своите најмили ги испратија со солзи во очите. Голем број граѓани се приближија до возилата со посмртните останки и со положување цвет им оддадоа почит на жртвите на геноцидот.

На возилата што ги превезуваат останките од убиените во геноцидот беше истакнато државното знаме на БиХ.

Голем број сараевчани се собраа и долж централната градска улица, со цвеќиња во рацете, за да го испратат конвојот со ковчези и да им оддадат почит на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.

Конвојот со ковчези утринава тргна од Високо, каде што се врши идентификацијата на посмртните останки пронајдени во масовните гробници од војната во БиХ во периодот 1992 – 1995 година, а неговото пристигнување во Поточари се очекува попладнево.

Во придружба на полицијата и граѓаните, камионот со 19 тела на убиените жители на Сребреница го продолжи патот, застанувајќи и кај Споменикот на убиените деца на Сараево, Вечниот оган, Градскиот пазар, пазарот „Маркале“, односно кај спомен-обележјето на сараевчаните убиени во периодот на агресијата врз БиХ, сè до Собранието на источниот излез од градот, од каде што го продолжи патувањето кон Поточари.

Во нападот на „заштитената енклава на ОН“, Сребреница, во јули 1995 година извршен од единиците на тогашната војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ, беа убиени над 8.000 мажи и момчиња Бошњаци, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија на подрачјето на Тузла.

Најмладата жртва која оваа година ќе биде погребана во Меморијалниот центар во Поточари е Азмир Османовиќ, кој имал само 16 години кога е ликвидиран. На последното почивалиште оваа година ќе биде донесен и Фикрет Кивериќ, друг малолетник кој имал 17 години во моментот на смртта.

Оваа година ќе биде погребана и една жена, Зилха Делиќ, која беше убиена на 24-годишна возраст. Во Поточари в недела ќе бидат погребани и останките на таткото и синот Хајро и Јусуф Аљиќ. Најстарата жртва што ќе го најде својот последен спокој во Меморијалниот центар Поточари е Хусеин Курбашиќ, кој за време на неговата смрт имал 63 години.

Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари досега се погребани останките на 6.652 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година, додека на други локации, според желбата на семејствата на жртвите, погребани се останките на други 237 жртви на геноцидот. Сѐ уште се трага по околу 1.000 жртви на геноцидот.

Посмртните останки од жртвите на геноцидот се пронајдени на околу 150 различни локации, од кои повеќе од 70 се масовни гробници. Најмладата досега погребана жртва во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.

Anadolu Agency