Репрезентациите на Бразил и Перу го сочинуваат првиот пар за полуфиналето на Копа Америка.
Актуелниот шампион Бразил многу потешко од очекувањата се избори за место меѓу четирите најдобри.
„Кариоките“ славеа минимална победа над Чиле со 1-0, со голот на Лукас Патека на самиот почеток на вториот дел, откако фудбалерот на паузата го замени Фирмињо.
Перу пак дури по подоброто изведување на пенали во дуелот со Парагвај се пласира во полуфиналето.
Во регуларните 90-минути беа постигнати шест гола, а резултатот беше нерешен 3:3, по што во дополнителните 30-минути мрежите мируваа.
Во пенал серијата Перуанците реализираа четири наспротив трите погодоци на противникот, па Перу можеше да се радува на полуфинале со Бразил.
Тоа практично ќе биде дуел на селекциите кои пред две години играа за шампионскиот трофеј на јужноамериканското првенство, а тогаш Бразил ја освои титулата победувајќи со 3-1.
Вториот полуфнален пар ќе го дознаеме доцна вечерва откако на полноќ својата четвртфинална пресметка ќе ја започнат Уругвај и Колумбија, а во 3 часот по полноќ ќе стартува и последното четвртфинале во кое Аргентина ќе игра против Еквадор.
КОПА АМЕРИКА 1/4 ФИНАЛЕ
ПЕРУ – ПАРАГВАЈ 4-3 пенали (3-3)
БРАЗИЛ – ЧИЛЕ 1-0
Недела
00:00 УРУГВАЈ – КОЛУМБИЈА
03:00 АРГЕНТИНА – ЕКВАДОР
1/2 финале
6 јули (вторник) Рио Де Женеиро
БРАЗИЛ – ПЕРУ 2 часот по полноќ
7 јули (среда) Бразилија
Уругвај / Колумбија – Аргентина / Еквадор 2 часот по полноќ
ФИНАЛЕ
11.јули (недела)
2 часот по полноќ
„Sitel“









