Словенија на 1ви Јули по втор пат го превзема претседателството со Советот на ЕУ. Нивниот премиер Јанез Јанша Јанша сака да ја врати меѓународната доверба, но за да успее во тоа, тој ќе мора да се потруди да не создаде непријатност на европската сцена со неговата темпераментна реторика исполнета со политичка страст, со која е познат и на социјалните мрежи, проценуваат од европските и домашни кругови.

Јанша пред три месеци беше критикуван од некои од членовите на Европскиот парламент и од европските службени лица поради односот на неговата влада спрема новинарите и медиумите, по што Јанша преку Твитер им пренесе дека Словенија „не е Конго“ и дека нема да дозволи за слобода и демократија да му се обраќаат „преплатени бирократи“.

Во Брисел тоа предизвика низа на бурни реакции, а според неименуваниот европски дипломат, доколку таквиот однос на премиерот продолжи и во новата улога, можно е да има проблеми.
Како што вели дипломатот, не е толку важно претседателството на Советот на ЕУ, колку што е важно за Словенија и нејзината репутација, бидејќи од земјата која претседава се очекува да ги брани вредностите и начелата на Унијата, а кога ќе стане збор за несогласување на некое прашање, треба да се делува неутрално, а доколку се постапи спротивно, тоа само ќе претставува лоша слика за земјата.

Кој е всушност Јанез Јанша?

Јанез Јанша (60) е словенски политичар со најдолг стаж, од генерацијата на политичари од 80-тите години. Тој најпрвин беше министер за одбрана на владата во 1991-ва година, која го изведе осамостојувањето на Словенија како самостојна држава. Тој три пати беше во трка за премиер, но само во мандатот 2004-2008 година успеа да создаде влада, бидејќи се соочуваше со проблеми при наоѓањето на коалициски партнери.

Во тие години според многумина, владата на Јанша добро ја вршела својата функција, а во Европа важела за „најдобриот ученик“ од државите кои беа примени во 2004-та годинам, во големото „Биг Банг“ проширување на Унијата.

Но во следните 13 години многу од работите во Словенија се променија. ЕУ пројде низ три големи кризи, финансиска, мигрантска и пандемиска, додека старата репутација на Словенија како најистакната од југоисточна Европа на многумина им е веќе дискутабилна, најмногу поради „нон-пејперот“ околу промените на границите на Балканот, кои медиумите му ги препишаа на Јанша.

Промената на политичкото движење на Јанша е видливо веќе неколку години. Во европските и меѓународните разговори обично тој се споменува како пријател, сојузник и епигон на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Според словенските критичари блискиот однос на Јанша со Орбан ги одалечува Словенците од квалитетна надворешна политика, односно ја одалечува од западните либерални демократии.
Критичарите од европската јавност бараат Јанша да не го идентификуваат како Словенија, додека тој тврди дека тие критики се лажни. Прашање е колку едно успешно претседавање на Советот на ЕУ би и помогнало на следните избори во Словенија кои треба да се оддржат следната година.

Тоа на Јанша во 2008 година не му помогна, откако беше успешен на европска сцена, но по неколку месеци беше неуспешен на домашна сцена, губејќи ги изборите од левицата предводена од Борут Пахор, сегашниот претседател на земјата.

Тешко е да се предвиди, но тоа би можело и овој пат да му се случи на Јанша, бидејќи според многумина неговата влада е нестабилна со тенка парламентарна множина, која моментално има 30% потпора од јавноста.

Како слоган при водењето на Европската Унија, словенската влада ги одбра клучните зборови „Заедно. Отпор. Европа“, со што ги укажуваат целите на Унијата и приоритетите на Словенците во време кога треба да се разгледаат последиците на пандемијата.

Како еден специфичен приоритет Јанша на почетокот на октомври најави и неформален самит на ЕУ со Западен Балкан, со што поконкретно би се направила подобра перспектива на регионот.


„Sloboden pecat“