АНКАРА (АА) – Турските аеровселенски индустрии (ТАИ) склучија договор со украинската компанија „Мотор Сич“ (Motor Sich) за купување 14 мотори за офанзивни хеликоптери од тешка класа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на ТАИ, испораките ќе бидат реализирани до 2025 година, а првите два мотора ќе бидат предадени во септември 2022 година.

Првиот лет на офанзивните хеликоптери од тешка класа, што имаат скоро двојно поголема тежина од постојните хеликоптери АТАК, е планиран да се изврши во 2023 година, соопштија од Турските аеровселенски индустрии (ТАИ).

Хеликоптерот е развиен во рамки на договорот потпишан меѓу Претседателството на одбранбените индустрии на Турција (ССБ) и ТАИ во 2019 година.

Во врска со договорот, директорот на ТАИ, Темел Котил, истакна дека компанијата реализирала уште една важна и клучна фаза за офанзивниот хеликоптер од тешка класа.

„Ќе направиме амбициозен влез во 2023 година, за стогодишнината на нашата Република“, рече Котил.

Основана во 1973 година, компанијата „Турски аеровселенски индустрии“ е центар на технологијата во дизајнот, развојот, производството, интеграцијата на аеровселенски системи и модернизацијата во Турција.

Компанијата, лоцирана во главниот град Анкара, има производствен погон на површина од 5 милиони квадратни метри, со индустриски објект од 150.000 квадратни метри.

Компанијата има модерен авиообјект опремен со високотехнолошка машинерија и опрема што обезбедува широк дијапазон производствени можности, од производство на делови до составување авиони, тест-летови и испорака.

Anadolu Agency