Ако се гледа фаворитската улога, тогаш денеска Шпанија и Франција би требало да го продолжат патот до 1/4 финалето на ЕУРО 2020. Меѓутоа со оглед на тоа што се случуваше вчера и елиминацијата на Холандија, како и „мачењето“ на Италија, покажуваат дека сите кои се во оваа фаза имаат шанси против секого.

Хрватска против Шпанија на стадионот „Паркен“ во Копенхаген е првата пресметка за денеска. Хрватите влегуваат во дуел како светски вицепрваци, но на еден ден пред пресметката стигна и лоша вест. Иван Перишиќ е позитивен на коронавирус и нема да игра во дуелот со Шпанците. „Фуријата“, пак, во вистински миг влезе во форма, ја совлада Словачка со 5:0, и сака да продолжи во ист стил. Дека оваа Шпанија има слабости, покажаа првите два меча во групата (против Шведска и Полска), па така Хрватите имаат свои адути.

Втората пресметка е меѓу Франција и Швајцарија. И играчки и во сите сегметни, светскиот првак Франција е фаворит. Швајцарија освен дуелот со Турција и победата од 3:1, не покажа ништо од својот квалитет, а на сите три натпревари примаше барем по еден гол. Додека Франција, пак, на сите три натпревари во групата даваше по еден гол. Овој дуел се игра Националната Арена во Букурешт.


Tv „21“