Црна Гора ќе продава „Мерцедес Бенц“ модел „Мајбах Ц 650“ купен од претходната влада предводена од Мило Ѓукановиќ, оти симболизирал луксуз платен со народни пари. Кај нас, она на „М“, купен по лична желба на пребеганиот Никола Груевски никако да се продаде, наспроти повеќегодишните ветување на оваа влада, дека блиндираниот мерцедес оди на продажба. Но, она на „М“ што тајно го купи власта предводена од Никола Груевски, се уште се вози. Власта по четири години раководење на земјава, се уште го нема продадено иако СДСМ со објавата на аудио бомбите, откри како Груевски нарачал екстра луксузен мерцедес.

„На возилото за кое прашувате се врши проценка по што ќе се одлучи како ќе се постапува. Во меѓувреме се користи повремено при посета на високи странски претставници во случаи кога се бара блинидирано возило. Го чува и одржува Службата за општи и заеднички работи на Владата“, велат од Владата.

Од владата не открија, кога она на „М“ последен пат било користено. Кој се возел последно во мередесот на Груевски. За набавката на овој екстравагантен автомобил, веќе има правосилно осудени. Никола Груевски доби две години.

На четири години затвор е осудена и екс министерката за внатрешни, Гордана Јанкулоска како и тогашниот помошник министер за јавни набавки, Ѓоко Поповски. Лани во номеври, премиерот Зоран Заев рече дека, откако пресудата за „Тенк“ станала правосилна нема никакви пречки мерцедесот да се продаде. Но, и по осум месеци од тогаш, владата се уште одлучува како ќе постапи – дали ќе го продаде или ќе го зачува, оти возилото можеби изгубило вредност и нема економска логика да се стави на продажба. На СДСМ едно од предизборните ветувања, пред да состави влада беше дека нема да се користи блиндираниот луксузен мерцедес.

Во 2017 – та година пред тогашните локални избори, партијата вети дека така наречениот „Тенк“ дефинитивно оди на продажба, а со парите ќе се купат амбулантни возила за клиниките. Таква одлука се донесе и на влада и МВР мерцедесот го предаде на Службата за општи и заеднички работи. Четири години подоцна во владината гаража се чува она на „М“ – блиндиран луксузен автомобил, личен избор на бегалецот и азилант Никола Груевски.


„Alsat-M“