Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека прашањето за Нагорно Карабах е решено и дека Ерменија треба да го прифати тоа и да соработува за утврдување на границите, јавува Агенција Анадолија (АА).

По повод Денот на вооружените сили на Азербејџан, Алиев синоќа се состана со воениот врв на земјата, која одбележува 103 години од основањето на Војската.

Алиев во обраќањето рече дека територијата на Азербејџан во Нагорно Карабах е ослободена по тридецениската ерменска окупација.

Исто така, тој рече дека Азербејџан продолжува да ги јакне воените капацитети, а дека Ерменија треба итно да ја заврши непријателската политика или ќе дојде во ситуација во која покрај неможноста за закрепнување на девастираната војска, нема да може да ја обнови ниту економијата.

Алиев порача дека воспоставувањето нормални односи со соседите и откажувањето од територијалните аспирации претставуваат единствен пат по кој Ерменија може да тргне во закрепнување и развој.

„Не треба воопшто повеќе да се користи зборот Нагорно Карабах. Не постои повеќе административна единица со тој назив, па ниту тој термин повеќе постои. Повеќе пати реков и сакам уште еднаш да повторам дека прашањето за Нагорно Карабах е решено. Ерменија треба да го прифати тоа и со нас да соработува на утврдувањето на границите. Треба да се формира група за одредување на линијата за разграничување. Треба да се подготви за мировен договор“, порача Алиев.

Односите помеѓу Ерменија и Азербејџан се проблематични од почетокот на 90-тите години од минатиот век кога Ерменија го окупираше Нагорно Карабах и уште седум соседни региони, кои се суверен дел од територијата на Азербејџан.

Ерменските сили на 27 септември минатата година почнаа нови напади врз населбите и воените положби на Азербејџан, а азербејџанската Војска одговори со операција со цел ослободување на окупираните региони и успеа да им нанесе големи загуби на ерменските сили и да ги ослободи градовите со повеќе од 300 населени места во тој регион.

Ерменија и Азербејџан на 10 ноември 2020 година постигнаа договор за завршување на судирите во Нагорно Карабах. Договорот е постигнат со посредство на Русија, а предвидуваше повлекување на ерменските сили од Лачин, Келбечер и Агдам. Руските и турските мировни сили се вклучени во механизмот за мониторинг на почитување на примената.


„Anadolu Agency“