РАМАЛА (АА) – Стотици израелски доселеници одржаа маршеви со знамиња денес во окупираниот Западен Брег, обезбедувани од голем број припадници на израелските сили, јавува Агенција Анадолија (АА).

Дописникот на АА јави дека доселениците го започнале својот марш од плоштадот „Затара“ во близина на градот Наблус во северниот дел на Западниот Брег и марширале кон излезот од населбата на планината Сбеих, држејќи израелски знамиња.

На јужниот дел од Западниот Брег во близина на градот Витлеем, очевидци кажаа дека има собир во израелскиот комплекс населби „Гуш Ецион“, на кој доселениците држеа израелски знамиња и извикуваа антиарапски пароли.

Слични маршеви се одржаа во израелската населба Кедумим во близина на градот Калкилја во северниот Западен Брег и во областа Ал-Агвар кај Масафер Јата во јужниот дел на Западниот Брег.

Голем број припадници на израелските сили ги штитеа маршевите.

Во четвртокот, израелските доселеници објавија повици на социјалните мрежи за да се протестира со веење израелски знамиња против, како што рекоа, неуспехот да се извршат наредбите за уривање на палестинските домови во т.н. зона Ц на Западниот Брег.

Според Договорите од Осло во 1995 година помеѓу Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Западниот Брег, вклучително и Источен Кудс (Источен Ерусалим), беше поделен на три региони А, Б и Ц – со тоа што администрацијата и безбедноста врз „зоната Ц“ му беа доделени на Израел, додека не се постигне договор со Палестинците за конечен статус.

Меѓународното право смета дека и Западниот Брег и Источен Ерусалим се окупирани територии и ги смета сите еврејски населби таму за нелегални.


„Anadolu Agency“