Серхио Рамос, еден од најдобрите фудбалери во историјата на Реал Мадрид, реши да го напушти клубот по 16 години поминати во Кралскиот клуб, пишува „Sputnik“, пренесува „Dubai-Portal“.

35-годишниот стопер нема да го продолжи договорот со Мадрид, објави клубот.

„Реал Мадрид ќе го организира збогувањето со капитенот Серхио Рамос во четврток, 17 јуни. Рамос потоа ќе се обрати до медиумите“, пишува на официјалниот портал на Кралскиот клуб.

Рамос дојде во Реал како тинејџер, на 19-годишна возраст и подоцна стана еден од најдобрите и најтрофејните фудбалери во историјата на клубот.

Одигра 671 натпревар во сите натпреварувања и што е најимпресивно, постигна дури 101 гол, што е неверојатна бројка за еден стопер.

Со Реал Мадрид освои четири Лиги на шампиони, пет пати беше шампион на Шпанија, двапати го освојуваше Купот на кралот, а во четири наврати беше и најдобар во Суперкупот со Реал.

Покрај ова, тој има и титула светски шампион со Шпанија и два златни медали со репрезентацијата на Европските шампионати.


„Sputnik“

„Dubai-Portal“