Најмалку 36 лица се ранети кога возило со експлозив двапати се активира во воена база на 30. Колумбиска армиска бригада во североисточниот град Кукута, во близина на границата со Венецуела, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го осудуваме овој терористички и одвратен чин што имаше за цел да ги нападне војниците на Колумбија овде во бригадата“, рече министерот за одбрана, Диего Молано, на прес-конференцијата од местото на настанот.
Молано истакна дека две лица со возило успеале да влезат во базата претставувајќи се како јавни службеници.
„Нападот е извршен од страна на левичарската бунтовничка група Национална ослободителна армија или ЕЛН и дисидентските групи на демобилизираните Револуционерни вооружени сили на Колумбија (ФАРК)“, рече Молано, кој потврди дека се повредени 36 лица.
Националната ослободителна армија во јануари 2019 година изведе напад врз Полициската академија во главниот град на Колумбија, Богота, во којшто загинаа 23 лица.
Колумбискиот претседател Иван Дуке соопшти дека му наложил на министерот Молано да го посети местото на нападот.
„Поради експлозија на возило во 30. Армиска бригада во градот Кукута, му наложив на министерот за одбрана, Диего Молано, да замине во градот и да спроведе истрага што ќе ни овозможи да ја расчистиме оваа несреќна ситуација“, напиша Дуке на Твитер.
Неколку минути подоцна Дуке со авион се упати кон Кукута.
Бомбашкиот напад предизвика вознемиреност од враќање на насилствата што земјата ги преживуваше со децении.
Anadolu Agency










