Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации и најостро го осудува недоличниот однос на градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко кон новинарката на Алфа ТВ и новинарите присутни на прес-конференцијата во текот на вчерашниот ден на тема дивоградбите во општина Струга.
Од ЗНМ, потенцираат дека јавните личности, особено избраните функционери се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа и треба да се воздржат од изјави кои што на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици.
Градоначалникот на Струга на прес -конференција вчера рече дека информациите дека во Струга има дивоградби се шпекулација, а за новинарката од Алфа телевизија рече дека не е писмена.











