Самоубиствен бомбашки напад се случи утринава во воениот центар за обука во Могадишу, главниот град на Сомалија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Бомбашот самоубиец го активирал експлозивот што го носел на себе во воениот камп „Дагабадан“ во подрачјето Вадаџир, во кој во тој момент се наоѓале стотици војници и регрути.

„Бомбашот самоубиец се разнел на влезот во воениот центар за обука. Повеќе лица настрадаа, но сè уште нема попрецизни информации за билансот“, објавија државните сомалиски медиуми.

Полицискиот службеник Абдифатах Хасан за АА ја потврди веста за нападот, но ни тој немаше попрецизни информации за настраданите.

Локалните медиуми јавуваат дека најмалку десет лица се убиени, а дека повеќе се ранети во нападот.

Досега никој не презеде одговорност за нападот, а слични напади во Сомалија извршува терористичката организација „Ал-Шабаб“, огранок на терористичката организација „Ал-Каеда“.

Anadolu Agency