Јужна Кореја и Кина негодуваа денес поради одлуката на Јапонија во Тихиот Океан да испушти, по прочистувањето, повеќе од милион тони вода од нуклеарната централа Фукушима, јавуваат агенциите.

Цела деценија по хаваријата во Фукушима јапонската влада на седница заклучи дека испуштањето на радиоактивната вода во Тихиот Океан е најдоброто решение, „со претпоставка за стриктно придржување до регулаторните стандарди кои се поставени“

Сеул изрази „сериозна загриженост дека таа одлука ќе има директно и индиректно влијание врз безбедноста на луѓето и околината“ и итно го повика јапонскиот амбасадор Коичи Аибиши на разговор, додека Кина одлуката на Токио ја нарече неодговорна.

„Одлуката на Токио е неодговорна и сериозно ќе му наштети на здравјето и безбедноста на луѓето во светот, како и на интересите на соседните земји“, истакна кинеското министерство за надворешни работи во соопштение.

Кинеската влада оцени дека таква мерка не смее да се преземе „без дозвола“ и консултации и договор со „повеќе земји на кои тоа се однесува“ и Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Речиси 1,3 милиони тони загадена вода, доволно да се наполнат 500 олимписки базени, во моментов се чуваат во огромни резервоари во нуклеарната централа Фукушима, со трошоци од речиси милијарда долари годишно.

Експертите на компанијата Тепко, која управува со нуклеарката, и владата на Јапонија објавија дека од радиоактивната вода не може да се отстрани само трициумот, радиоактивен изотоп на водородот, кој во мали количества, по планираното прочистување, нема да биде штетен за животната средина и здравјето на луѓето.

Тепко наведе и дека количеството на сите останати радиоактивни материјали во водата може да се намали на дозволено ниво, но бројни научници предупредуваат дека не се познати долгорочните штетни ефекти на испуштањето големи количества радиоактивна вода врз морскиот свет.

За одлуката на Токио незадоволство изразија и активистите за заштита на средината како и рибарите и земјоделците, а се противи и Тајван.

Пуштањето на водата во морето треба да почне за две години, а целиот процес би требало да трае со децении.

Несреќата во Фукушима се случи на 11 март 2011 по силниот земјотрес со јачина од 9 степени по Рихтер и цунамито кое следеше.

MKD