Јапонската влада донесе одлука огромните количини на радиоактивна вода, од нуклеарната централа Фукушима, да бидат испуштени во Тихиот океан во следните две години.
Долго време се шпекулираше дека владата ќе донесе ваква одлука, која е одложена неколку години поради протести и безбедносни причини, а на која жестоко се спротивставуваат локалните рибари и жителите на околните области.
Сепак, одлуката беше донесена на владината седница, на која се наведува дека ослободувањето на загадена, радиоактивна вода во Пацификот е најдобро решение, објави АП.
Радиоактивната вода се складира во нуклеарната централа Фукушима Даичи од 2011 година, кога реакторите во оваа централа беа оштетени во земјотрес и цунами, а загадената вода за ладење на реакторот почна да истекува.
Електростопанството Токио (ТЕПКО), кое управува со Фукушима, објави дека капацитетите за складирање на радиоактивна вода ќе бидат пополнети на крајот на следната година, а премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга, оцени дека испуштањето на загадената вода во Тихиот океан, е најреална и неизбежна опција.
Некои научници предупредија, дека долгорочните штетни ефекти од ослободување на големи количини радиоактивна вода во морето, врз живиот морски свет, не се познати.
ТЕПКО потврди дека капацитетите за складирање на радиоактивна вода изнесуваат 1,37 милиони тони и дека тие ќе бидат полни до есента 2022 година, јави Танјуг.
Кина и Јужна Кореја се спротставија, Америка изрази подршка.
На одлуките на јапонската влада се спротивставија Кина и Јужна Кореја, додека Америка ги поддржа.
Стејт департментот соопшти дека одлуката е во согласност со глобалните безбедносни стандарди и дека јапонската влада постапила транспарентно.
Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Кина, изрази длабока загриженост, повикувајќи го Токио да ја преиспита одлуката.
„Тоа е крајно неодговорно и сериозно ќе влијае на здравјето на луѓето, како и на непосредните интереси на луѓето во соседните земји“, се вели во соопштението на кинеското министерство.
Пекинг смета дека Токио треба да ја преиспита одлуката и да почека додека не се постигне консензус со експертскиот тим на Меѓународната агенција за атомска енергија и сите заинтересирани страни.
Во исто време, медиумите објавија дека Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја го поканило јапонскиот амбасадор на разговори, поради одлуката на Токио.
Јужна Кореја жали за одлуката на Јапонија и смета дека е неприфатлива, изјавија претставници на јужнокорејската влада во Сеул.
„Sputnik“
„Dubai-Portal“









