Бројот на жртвите од поплавите и свлечиштата што ја погодија провинцијата Источна Нуса Тенгагара во источна Индонезија се искачи на 128, соопштија денеска локалните власти.

Најмалку 72 лица сè уште се исчезнати по невремето во неделата, предизвикано од тропскиот циклон Сероја, пренесува ДПА.

– Најмалку 128 лица загинаа за време на екстремната временска појава на повеќе места, рече Радитија Џати, портпарол на Националната агенција за управување со катастрофи.

Бројот на загинати вклучува 67 лица кои загинаа во лавина од остатоци од вулканот Леватоло на островот Лембата во неделата, рече тој. Уште 49 лица загинаа на блискиот остров Адонара, а 12 починаа на соседниот остров Алор, соопшти Агенцијата за справување со катастрофи.

Пристапот до островот е отежнат поради отвореното море и невремето.

Циклонот Сероја се очекува денеска да се оддалечи од југо-запад од Индонезија, соопшти националната агенција за временска прогноза.

ТВ21