Самина очајно чека на реконструкција на турската теренска болница неодамна уништена во пожар што го зафати бегалскиот камп на Рохинџите во Кокс Базар, Бангладеш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Медицинскиот објект беше меѓу илјадниците импровизирани шатори и колиби, опустошени во пожарот на 22 март. Според Обединетите нации (ОН), најмалку 15 лица го загубија животот и 550 беа повредени во пожарот, додека од неговите последици беа раселени 45.000 лица.
Седумгодишно девојче Самина, кое го загуби својот вид пред две години, беше пациентка во турската болница во последните шест месеци. Нејзината состојба започна да се подобрува поради проверките на две недели и лековите.
Но, кога болницата изгоре до пепел, се чинеше дека целата надеж исчезна. Благодарение на турската поддршка, сепак, таа ќе биде повторно изградена и повторно ќе работи.
Работите за реконструкција се во полн ек. Екипа од турското Министерство за здравство, која брои 26 члена, Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и Турската управа за домување и развој на 27 март пристигнаа во населбата за бегалци.
Болницата сега се гради од нула, а структурата е видлива.
„Нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган нè упати да ги продолжиме здравствените услуги на прогонетите Рохинџи што е можно поскоро“, изјави за АА, Салих Алтинај, шефот за надворешни работи и хуманитарна помош на АФАД, додека ја надгледуваше работата на теренот.
„Очекуваме да започнеме со услугите за итни случаи наредната недела и постепено да бидат вратени целосните услуги.“
„Никогаш не мислевме дека ќе бидат во позиција да ги продолжат услугите за итни случаи за помалку од две недели“, изјави за АА, Лал Мохамад, таткото на Самина.
Во меѓувреме, еден од членовите на делегацијата во посетата рече дека новоизградената болница ќе биде понапредна, помодерна и поширока од претходната.
„Овој пат го користиме најновиот материјал за болничката инфраструктура да ја направиме поодржлива“, рече Шукру Јорулмаз од турското Министерство за здравство.
„Откако ќе заврши поставувањето, ќе можеме да обезбедиме квалитетна здравствена заштита на повеќе луѓе отколку порано“, изјави тој.
Од почетокот на операциите во 2018 година, болницата лекуваше најмалку 1.000 пациенти на ден.
Повеќе од 700.000 Рохинџи побегнаа во соседен Бангладеш во 2017 година, кога војската на Мјанмар започна акција со која беа запалени села, се случија вонсудски убиства и силувања.
Турција отсекогаш ја поддржуваше заедницата, постојано привлекувајќи внимание на нивната мака.
– Бангладеш го поздравува брзиот одговор за здравствените услуги
Бангладеш, кој сега е домаќин на 1,2 милиони бегалци Рохинџи, ја поздрави брзата реакција на Турција за реконструкција на болницата.
„Неверојатно е што среде пандемијата на коронавирусот, Турција наскоро ќе ги продолжи своите здравствени услуги за заедницата на Рохинџите“, рече д-р Абу Тоха МР Буиџан, главен координатор на Канцеларијата на комесарот за помош на бегалци и репатријација во Бангладеш.
Тој додаде дека ова исто така ќе ги охрабри другите даватели на услуги да им помогнат на Рохинџите, честопати нарекувани како најпрогонувани луѓе во светот.
Anadolu Agency








