АНКАРА (АА) – Повлекувањето на Турција од Истанбулската конвенција е законски акт, изјави лидерот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Земјата потписник има право да се повлече од Конвенцијата, како и да биде на нејзина страна со потпишување на договорот, тоа е законско право. Прекинувањето на Конвенцијата е правилно и соодветно дело“, рече Бахчели пред пратеничката група на неговата партија.
Тој рече дека Истанбулската конвенција, европски договор за заштита на жените од насилство, не може да ги исполни очекувањата на турската нација.
„Покрај тоа, одредбите од Конвенцијата [во Истанбул] за родовиот идентитет го загрозуваа семејството и моралните вредности, како и социјалниот поредок и рамнотежата“, додаде тој.
Тој истакна дека МХП безусловно го отфрла насилството врз жените.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган на 20 март потпиша указ за повлекување на Турција од Истанбулската конвенција, што ја потпиша во 2011 година, и со тоа Турција стана прва земја што го стори тоа.
Турската Влада ги отфрли критиките, велејќи дека одлуката за повлекување „во никој случај не значи дека Турција прави компромиси во однос на заштитата на жените“.
Конвенцијата има за цел да го спречи насилството врз жените, вклучително и семејното насилство, и да стави крај на правната неказнивост за сторителите.
Додека Конвенцијата беше спроведувана во 34 земји, вклучувајќи ја и Турција, некои земји – Украина, Велика Британија, Чешка, Словачка, Молдавија, Литванија, Лихтенштајн, Латвија, Унгарија, Ерменија и Бугарија – го потпишаа документот, но сè уште не го ратификуваа.
Некои точки од Конвенцијата предизвикаа дебата за родовата еднаквост во Турција, а критичарите велат дека тие им штетат на традиционалните семејни вредности.
Турските власти велат дека националното законодавство е доволно за да се бранат жените од насилство без потреба од Конвенцијата.








