Турската полиција во опсежните акции во 53 градови низ земјата и на територијата на Турската Република Северен Кипар приведе 150 поранешни и активни војници поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за обидот за пуч во јули 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Обвинителството во Измир издаде налози за приведување на вкупно 184 активни и поранешни припадници на Вооружените сили, за кои со истрага е утврдено дека преку телефонски говорници комуницирале со лицата во терористичката организација ФЕТО, задолжени за ФЕТО-структурите во Турските вооружени сили (ТСК). Од 184 осомничени, 120 се војници во активна служба. Од слобода се лишени 150 осомничени.

Обвинителството ги издаде налозите за апсење врз основа на истрагите иницирани со информациите на Националната разузнавачка агенција на Турција (МИТ).

Осомничените се активни или биле активни во копнените и воздушните сили на турската Војска, како и во морнарицата, жандармеријата, а меѓу нив се и 38 поранешни студенти на Воената академија, кои по обидот за државен удар во ноќта на 15 јули 2016 година, поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, се оддалечени од установите за воено образование.

Меѓу осомничените се наоѓаат полковници, бригадири и други високопозиционирани воени офицери.

Турската полиција започна акција со цел приведување на пет лица за кои постои сомнеж дека со терористите на ФЕТО организирале заминување од Турција во трети земји.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.

Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.


Anadolu Agency