Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM), Мустафа Шентоп, изјави дека инвестирањето во човекот се враќа како корист за сите земји и додаде дека училиштата на турската Фондација „Маариф“ имаат таква возвишена цел, јавува Агенција Анадолија (АА).

Челникот на турскиот Парламент, Шентоп, се обрати на учесниците на 10. Консултативен состанок на претставниците на турската Фондација „Маариф“ и истакна дека Фондацијата вложува голем труд и со ентузијазам извршува важна должност помагајќи во натамошното зајакнување на односите со земјите во кои работи.

Укажувајќи на неопходноста од поразличниот поглед на образованието во светот, кој брзо се менува и донесува нови ризици, Шентоп изјави дека на образованието повеќе не е доволно да се гледа само од локално ниво, туку дека за него треба да се осмислуваат и да се прават планови на пошироко и глобално ниво.

„Случувањата во Турција и светот во изминатите 20 години покажаа колку е тоа неопходно. Гарантот на иднината може да биде во воспитувањето и образованието на новите генерации кои ќе бидат добро едуцирани, способни и верни на својата држава и народ“, порача Шентоп.

Нагласувајќи дека Фондацијата „Маариф“ за релативно кратко време остварила големи успеси во земјите во кои дејствува, Шентоп изјави дека на светот му било потребно да понуди институции што ќе се засноваат на принципите на хуманост и рамноправност, а не на начелата на кои Западот со векови го правеше тоа заради сопствените глобални интереси и наметнувањата на сопствените вредности, јазици и култура.

Тој за Фондацијата „Маариф“ изјави дека ги собира луѓето кои вложуваат голем труд и во светлината на интелигенцијата и науката образуваат совесни и способни млади луѓе што се корисни за нивните земји и човештвото.

„Тоа што го правите е многу одговорна задача. За кратко време постигнавте големи резултати. Тоа е факт. Му служите на човештвото во Африка, Азија, Балканот, Кавказ. Во ментална смисла носите значително поголем товар од луѓето што се занимаваат со други занимања. Ваша задача и приоритет е во земјите во кои дејствувате да ги почитувате локалните јазици, културата и верата и да пружате добро образование на учениците и со нив и нивните родители да градите добри односи. Турција со посредство на вас во пријателските земји нуди квалитетно образование“, изјави Шентоп.

Истакнувајќи дека е горд на тоа што Фондацијата „Маариф“ го прави, Шентоп изјави дека во модерниот свет доаѓа и до промени во природата и методите на образованието, во што клучна улога заземаат технологијата, компјутерите и интернетот.

Шефот на турскиот Парламент, Шентоп, наведе дека технологијата и дигиталните платформи по пандемијата на Ковид-19 се појавуваат како уште понеизбежен сегмент на образовниот систем.

„Образованието на новото време, кое се нарекува хибридно, ни отвора нови хоризонти така што ни ги отстранува ограничувањата во време и простор. Важноста на дигиталното образование можеме подобро да ја разбереме ако знаеме дека пандемијата уште трае и дека ќе трае уште некое време. И по пандемијата во нашиот нов нормален свет ќе се задржи пружањето онлајн образование и услуги. Така изгледа. Турција мора и ќе ги продолжи тие технолошки инвестиции за јакнење на конкурентноста во областа на образованието на локално и глобално ниво“, изјави Шентоп.

Шентоп изјави дека наставниците имаат важна улога во технолошката револуција и дека од профилот на некој што пренесува знаење на ученикот на класичен начин треба да се трансформираат во профили на наставници кои исто така ќе бидат водичи на студентите во развивање на способноста за примена на стекнатото знаење.

Тој рече дека целта на современото образование треба да биде едукација на младите луѓе кои имаат развиено вештини за решавање проблеми, кои знаат како да добијат информации, кои се во можност да ги одделат точните од неточните информации и кои имаат жед за истражување и работа во групи. Тој додаде дека на светот му требаат млади луѓе кои се љубопитни, кои фантазираат и кои откриваат.

Нагласувајќи дека турската Фондација „Маариф“ извршува важна активност на јавната дипломатија, Шентоп изјави дека квалитетното образование и извозот на образованието претставуваат пат на остварување на волјата и визијата на Турција повторно да стане голема светска сила и градител на цивилизација.

Anadolu Agency